Судот во Анкара и официјално покрена обвиненија против 14 осомничени за учество во минатонеделните напади со автомобил бомба во турската престолнина, во кој загинаа 28 луѓе.
Според агенцијата Анадолија судот наложил осомничените да бидат задржани во притвор до судењето, додека седум луѓе се пуштени на слобода без обвинение.
Обвинетите се товарат за помагање на терористичка опрганизација, за фалсификување на документи и за измама. Засега не е познато каква улога имале во нападот во Анкара од 17 февруари, чија мета беше воен автобус.
Одговорноста за овој напад ја презеде курдската милитантна група, но турската Влада тврди дека го извршиле припадници на милитантна група на сириските Курди во соработка со курдските бунтовници од Турција.
Официјална Анкара бара од САД да престанат да ги поддржуваат курските милитанти во Сирија кои од друга страна претставуваат најсериозна сила во борбата против Исламската држава во Сирија.




