Екипи на српското Министерство за внатрешни работи до 13 часот извршиле увид во вкупно 224 училишта на териториите на Нови Сад, Ниш и Лесковац по претходно добиена дојава за поставена експлозивна направа, при што било утврдено дека се лажни, јави дописникот на МИА од Белград.

Како што соопшти министерството за образование, наука и технолошки развој на Србија, дојава за поставени бомби добиле 137 училиштата во Нови Сад, а до 13 часот биле „прочешлани“ 125.

Во Ниш е извршена контрола во 56 училишта од вкупно 71 колку што добиле дојава. Дојава за поставена бомба добиле и 91 училиште во Лесковац, а до 13 часот биле прегледани 43 училишта.

„Во училиштата што сè уште не се прегледани, наставата ќе се одржува онлајн“, се наведува во соопштението на Министеството за образование, во кое се додава дека училиштата ќе ги информираат учениците и нивните родители за начинот на организирање на наставата и враќање на непосредна настава.