Полицаецот на фотографијата се чини дека има блага насмевка додека пишува казна за жената која стои пред него во навредувачкото бикини, дури можеби и ужива во тоа што прави таа да се чувствува неудобно.
Не, таа не носи буркини.
Фотографијата датира од 1957-та година. Жената носи бикини на плажа во Римини, на италијанското крајбрежје. Во тоа време, Италија забранувала костим за капење кој откривал премногу, и бил некултурен за да се носи во јавност, анализира Њујорк Тајмс во сторијата која се осврнува на регулацијата на женското облекување низ историјата.
Во време кога Франција направи забрана за носење буркини, бикинито ја слави 70 годишнината и фотографиите од неговите почетоци во 1940-тите, 50-тите и 60-тите циркулираат низ галериите во Париз, будејќи паралели со буркинито денес.
Зошто женските костими за капење и генерално женската облека, постојано во историјата привлекувале контроверзии и ги инспирирале општествата да го регулираат женскиот избор?
Историчарите, социолозите и антрополозите расправале со декади, но едноставната изјава дека женските тела се воени полиња, има одредена вистина во неа. Формално или неформално, мажите (најмногу) правеле правила за женската облека многу долго време.
„Не може ли да одлучиме сами што сакаме да носиме во 2016-та“, прашува Сара Феки, 23 од Франција, во коментар кој го напишала до Њујорк Тајмс. „Доколку некој сака да биде гол или пак да биде покриен од глава до пети, нели е тоа личен избор кој не може да биде диктиран од закон?“
Се разбира дека дебатата за буркини не е само за феминизмот. Тоа е дебата за визибилноста и присуството на Исламот во Франција и доаѓа во контекст на последните терористички напади кои ја трауматизираат земјата, како оној во Ница.

На 14 јули, маж со камион удри во толпи народ, убивајќи 86 луѓе, додека 300 беа повредени. ИСИС потоа го нарече еден од нивните „војници“.
Помалку од месец подоцна, првата од најмалку 30 забрани за „несоодветно“ облекување на плажи – наменети да таргетираат муслимански облеки – беше изречена во Кан, околу 20 милји од Ница.
Иако највисокиот административен суд на Франција, отфрли една од казните за забрана на буркинито во петокот и истото најверојатно ќе го направи и за останатите, борбата е далеку од готова.
Парламентот може да изгласа забрана и некои од претседателските кандидати на изборите во Франција следната година кои се дел од десницата или крајната десница, најавија мерки со кои ќе го забранат муслиманското покривање на жените на универзитетите, бизнис средините, па и до целосна забрана на религиозна облека во јавност.
Како што дебатата продолжува, ќе се кажат многу важни работи за Франција и расизмот и Исламот, но важно е да се спомене и женската облека, која е главна тема.
Низ историјата, комбинација на легислативи, локални регулации и социјален притисок влијаеле врз жените и тоа како тие се облекуваат – корсети и деколтеа, кратки сукњи, контроверзното доаѓање на пантолоните. Франција сега е општество кое бара од жените да се соблекуваат, но на многу начини дебатата е дел од истиот наратив.
Во двата случаи на бикинито и буркинито, „луѓето на позиции на моќ велат ‘ги поставуваме овие правила за доброто на женитеќ’“, вели Деирдре Клементе, професор по Историја на Универзитетот на Невада, која го изучува дрес кодот за жените низ историјата. „Импликацијата е дека жените не знаат сами да го регулираат својот изглед“.
Уште од 1980-тите, голем број американски корпорации имале екстензивни дрес кодови за жените. „Постоеја четири страници за тоа што жената смее, а што не смее да носи на работа, додека за мажите само четири реченици“, додава Клементе.
Кога се работи за бикинито, не само што било забрането во некои земји, туку жените морале да плаќаат казни и да ги напуштаат плажите ако го носат. Било гледано како субверзивно и знак на морална слабост.
Италија, Шпанија и некои плажи во Франција забранувале носење на бикини во првите години кога излегле на продажба, вели Гислејн Рајер, ко-автор на книгата „Легендата за бикини“, историја на костимите за капење.
Оваа забрана резонира со денешната дебата за буркинито, вели Хенан Карими, студент по социологија на Универзитетот во Стразбург. Таа е лидер на феминистичкиот муслимански колектив кој сака џамиите во Франција да дадат повеќе простор за жените и да имаат поголема почит за нивната инволвираност во религиозните прашања.
„Во некои земји кои се многу религиозни, како Италија, контролирање на женските тела е дел од религиозната моралност на земјата, денеска во Франција постои граѓанска религија на секуларност“, вели таа. „И таа има иста логика за контрола на женските тела: Тие жени кои не се покоруваат на секуларниот моралитет се соблекувани на плажите, ништо не е скриено“.
Како што денес Франција верува дека ова соблекување е обврзувачко, така Италија, под влијание на Ватикан, верувала дека е потребно да се скрие женското тело, додава таа.
Не било отсекогаш така. Кога дизајнерот на првото бикини, Луис Реард, го смислил името на 5 јули 1946-тата, не можел да најде модели кои ќе го носат на ревија. Затоа морал да најми стриптизети од едно казино во Париз. „Беше авангардно, беше пред своето време. Во таа епоха, се уште бевме пуританци“, коментира тој.
Иако бикинито набргу станало популарно пркеу филмовите, потребни биле повеќе од 15 години, па и подолго на некои места, за да влезе во модниот мејнстрим. Франција го прифатила пред многу земји и по некое време дозволила жените да се сончаат или бањаат и топлес.
Џоан Валас Скот, социјален научник на Институтот за напредни студии на Принстон, вели дека забраните на Франција за бикините и денешните за буркините, се продукт на идеи кои одат до Француската Револуција од 1789-тата година.
„Она што постои во францускиот републиканизам е конфликтот помеѓу обврската за еднаквост и констатацијата дека сексуалната разлика е природна разлика која објаснува зошто не може да има еднаквост помеѓу жените и мажите“, додава таа.
Французите веруваат дека е неопходно да се покаже разликата помеѓу мажите и жените физички, иако истовремено се тврди дека се еднакви, вели Скот.
Сликарот Ежен Делакроа ја прикажа „Слобода”, како голо града жена која ги води праведните Французи. Скулптурите и релјефите на голи гради, се француски симбол на револуцијата и слободата, и тие се уште може да се најдат на владини документи, згради и поштенски марки. Самиот опис на жените се рефлектира на тоа како половите се разликуваат.
„Потоа на другата страна го имате муслиманското општество кое вели дека сексот и сексуалната разлика е проблем и жените, без разлика дали се согласуваат со тоа или не, треба да бидат покриени. На некој начин тие ја вадат на површина контрадикцијата во француското општество и тоа е нетолерантно. Стануваат коментар на француската потреба да ги имаат жените непокриени“, вели Скот.
Навистина, заменик градоначалникот на Ница, Кристијан Естроси неколку пати повтори дека покриените жени на плажите се провокација, со што алудираше на предизвикот за францускиот ред.
Ванеса Лоренцо, дизајнерката на буркинито вели дека таа го креирала овој костим за капење, за муслиманските жени да добијат шанса да партиципираат во истите активности како и останатиот дел од заедницата. Таа самата сака да плива и вели дека тоа што религиозните муслиманки не пливаат е неприфатливо.
Лоренцо, чиј интернет бизнис продава костими за капење во 120 држави, не е муслиманка и луѓето често ја прашуваат зошто решила да дизајнира за муслимански жени.
Мојот одговор е едноставен: На крајот на денот жените се жени, без разлика дали се муслиманки или не, сите ние сакаме да бидеме удобни, да изгледаме убаво и да се чувствуваме женствено. Повеќето од нашите клиенти велат дека за прв пат почувствувале самодоверба во јавност, за да излезат на плажа и да уживаат заедно со својата фамилија “, додава таа.




