Published: Thursday, August 6, 2026 11:31
Изминатите месеци Володимир Зеленски уверува дека Украина постепено ја презема иницијативата и дека нападите длабоко на руска територија сè повеќе ја исцрпуваат руската воена машина. Во јавноста се создава впечаток дека ваквите операции претставуваат пресврт во војната и дека Москва сè потешко ги поднесува нивните последици. Без сомнение, Украина успеа да изведе низа удари врз цели во Русија и да покаже способност да дејствува далеку зад линијата на фронтот. Но, ако се суди според последните случувања на бојното поле, реалноста изгледа значително покомплексна отколку што сугерира оптимизмот што доаѓа од Киев.
Вистинската пресвртница во војната, не изгледа како онаа што Украина ја посакуваше. Напротив. Во текот на една ноќ Русија истрела 27 балистички ракети кон Киев и неговата околина, а ниту една не беше пресретната.
Најмалку седумнаесет лица загинаа, додека големи складишта и трговски објекти беа претворени во урнатини.
Во суровата аритметика на војната, бројот на жртвите, колку и да е трагичен, не е она што ја менува стратешката слика. Она што загрижува е фактот дека Украина сè потешко успева да се одбрани од современите руски балистички ракети, особено од хиперсоничните „Кинжал“ и „Циркон“, кои достигнуваат брзина до девет пати поголема од брзината на звукот. Не случајно и самиот Зеленски неодамна призна дека токму балистичките ракети претставуваат голема стратешка предност на Русија.
Причината поради која украинското небо денес е многу поранливо лежи во исцрпените резерви на американските ракети-пресретнувачи PAC-3 Patriot. Минатиот месец Зеленски во Вашингтон побара уште 300 ракети Patriot за Украина да може да ја преживее претстојната зима. Но, желбите се едно, а расположливите капацитети нешто сосема друго.
Американската армија, според достапните проценки, располага со само околу 750 вакви ракети, откако голем дел од резервите беа искористени за пресретнување на ирански ракетни напади. Во исто време, Lockheed Martin произведува меѓу 50 и 60 ракети месечно, додека Русија секој месец произведува најмалку 120 балистички ракети, покрај четири до седум хиперсонични ракети „Циркон“.
Со други зборови, дури и Зеленски да ги добие сите 300 ракети што ги бара, тие нема суштински да ја променат рамнотежата. Минатата година Русија истрела повеќе од 900 балистички ракети кон Украина, а само во текот на јули оваа година нивниот број достигна 377. Истовремено, севернокорејската 112-та ракетна бригада започна распоредување во Воронеж, во близина на украинската граница, со потенцијал да донесе уште шест лансирни системи и до 120 балистички ракети. На тоа треба да се додадат и веќе испорачаните севернокорејски ракети KN-23 и KN-24, како и иранските балистички ракети со краток дострел Fath-360.
Во меѓувреме, украинските напади врз цели во Русија продолжуваат да привлекуваат големо медиумско внимание. Особено се истакнуваат ударите врз нафтени рафинерии, бродови што пловат кон Крим и магацините на Wildberries, најголемата руска платформа за интернет-трговија.
Тие напади несомнено имаат психолошки ефект и за првпат ја доближија војната до граѓанството во Русија. Но, и покрај нивниот силен медиумски одек, засега не покажуваат дека успеале суштински да ја нарушат руската воена економија.
Капацитетот на руските рафинерии е намален за околу 13 проценти – сериозен, но не и пресуден удар. Иако Wildberries и нејзините добавувачи трпат значителни последици, тврдењата дека тоа би можело да предизвика колапс на банката VTB, а со тоа и на целиот руски банкарски систем, изгледаат прилично увеличани!
Истовремено, руските возвратни напади врз Украина оставаат далеку подлабоки последици врз нејзината економија. Само во текот на јули, Одеса и околните пристаништа беа погодени со 67 балистички ракети. Нападнати беа 35 трговски бродови додека се наоѓаа во пристаниште и уште 22 на отворено море.
Последиците веќе се чувствуваат.
Алтернативните извозни рути можат да обработуваат само околу половина од количините што претходно се извезуваа преку црноморските пристаништа. Практично е запрен и црноморскиот коридор за извоз на жито, договорен со посредство на Турција на почетокот на војната. Бродските компании ги прекинаа пловидбите кон Одеса, а речиси две недели ниту еден брод за жито не пристигнал во пристаниште, иако жетвата е во полн ек.
Затворањето на пристаништата не го погодува само извозот на жито. Практично е запрен и извозот на железна руда, што директно ја загрозува украинската челична индустрија и ја лишува државата од милијарди долари годишни приходи. Како последица на тоа, рударско-преработувачкиот комбинат „Јужен“ во Кривиј Рих, родниот град на Зеленски, веќе објави целосен прекин на производството.
Најголемата причина за загриженост, сепак, не е само бројот на ракети што Русија може да ги истрела, туку нејзината способност систематски да ја уништува украинската инфраструктура од која зависи секојдневниот живот. Цел на нападите повеќе не се само воените објекти, туку и енергетската мрежа, водоснабдувањето, системите за греење и дистрибуцијата на гориво.
Во претходната фаза од војната, руските ракети со краток дострел уништија речиси секоја бензинска пумпа во Харковската област и пошироко, принудувајќи ги возачите да носат резервни канистри со гориво за да можат да стигнат до помалку погодените региони. Денес, покрај нападите врз трговски објекти како одговор на украинските удари врз Wildberries, Москва сè почесто ги насочува своите напади кон водоводните системи и топлинската инфраструктура.
По четири години редовни напади, Украина изгубила околу 61 процент од својот капацитет за производство на електрична енергија. Најголемата приватна енергетска компанија, DTEK, изгубила околу 90 проценти од своите производствени капацитети, додека сите петнаесет украински термоелектрани на гас и јаглен се оштетени или целосно уништени. Нивниот удел во вкупното производство на електрична енергија денес изнесува едвај пет проценти.
Минатата зима неколку големи украински градови, меѓу кои и Киев, беа опасно блиску до тоа да станат практично ненаселиви. По руските напади, стотици станбени згради мораа да бидат евакуирани, системите за греење беа испразнети за да не замрзнат цевките, а во главниот град струја имаше само неколку часа дневно.
Доколку украинското небо и оваа зима остане без доволна противракетна заштита, последиците би можеле да бидат уште потешки. Токму затоа Зеленски повторно ги засили повиците до западните сојузници за испорака на дополнителни системи Patriot или која било друга ефикасна противракетна одбрана.
Но, токму тука повторно се судираат политичките пораки со реалноста на терен.
Европската антибалистичка иницијатива FREYJA, формирана со цел координирана одбрана од руските балистички напади, засега не располага со вистинска алтернатива на системот Patriot. На самитот на НАТО во Анкара, Доналд Трамп најави можност Украина, но и Франција, да добијат лиценца за производство на овие системи, што во Киев беше пречекано како можен пресврт. Само неколку недели подоцна, таа најава беше практично повлечена. Типично за Трамп.
Во исто време, Boeing, компанијата која ги произведува клучните системи за наведување на ракетите PAC-3 Patriot, одби да ја сподели технологијата, повикувајќи се на сериозни безбедносни ризици и можноста украинските разузнавачки структури да бидат инфилтрирани од руски агенти. Дури и кога би постоела политичка согласност, воспоставувањето производство би траело најмалку две години, без да се пресмета ризикот таквите производствени капацитети да станат цел на руски ракетни напади.
И тука се наметнува уште едно многу непријатно прашање.
Од почетокот на војната, речиси на секои неколку месеци слушаме дека следниот западен систем ќе го промени текот на конфликтот. На почетокот тоа беа хаубиците M777, потоа HIMARS, па тенковите Leopard, ракетите ATACMS, Storm Shadow, борбените авиони F-16… Денес повторно се создава впечаток дека решението се вика Patriot.
Но, четири години подоцна, фактите не покажуваат дека ниту еден од овие системи успеал да ја донесе пресвртницата што постојано се најавуваше.
На одредени делови од фронтот направи разлика и овозможи Украина да се брани поефикасно. Но, ниту еден од тие системи не ја промени суштински динамиката на војната.
Во меѓувреме, единственото што продолжува да расте е бројот на жртвите, уништените градови, разрушената инфраструктура и економската цена што ја плаќаат и Украина и Русија.
Можеби токму затоа е време да се постави едно поинакво прашање.
Наместо постојано да се зборува за тоа колку уште ракети Patriot, тенкови или авиони се потребни, дали конечно не е време многу погласно да се зборува за тоа како оваа војна да заврши?
Колку и да е неопходна противвоздушната одбрана за заштита на цивилите, ниту еден ракетен систем сам по себе не може да донесе мир.
СЕКОЈА ВОЈНА, ПОРАНО ИЛИ ПОДОЦНА, ЗАВРШУВА НА ПРЕГОВАРАЧКА МАСА.
Прашањето отсекогаш беше колку украински животи ќе ги задоволат политичките лидери да се доведат пред свршен чин и пред реализација дека четири години војна беа непотребни и повеќе од доволни, да се убедат во реалноста на терен! Или во бројки, над милион украински жртви до сега.
Се чини, за жал, не се ниту човечките жртви кои ќе го одлучат крајот, туку недостатокот на ракетите-пресретнувачи PAC-3 Patriot.
Е толку е украинскиот живот вреден!
Од Фејсбук ѕидот на авторката




