Единаесет протести, заедно со дебатите и гласањето недоверба на владата, се очекува да има само во Софија. Од една страна пред парламентот ќе се протестира за поддршка на кабинетот на Петков, а од друга против, пренесува БГНЕС. Протестите ќе траат три дена – од денеска (21 јуни) кога ќе се почнат дебатите во пленарната сала, до четврток (23 јуни) кога најверојатно ќе се гласа.

Од Општина Софија, каде демонстрантите, според барањата на Законот за собири и демонстрации, мора да се изјаснат за намерата за протест, велат дека пет од барањата се доставени од здруженија и политички партии. Тоа се движењето на политичките партии „Да, Бугарија“, партијата „Преродба“, Бугарското национално движење ВМРО, Здружението „Толеранција“ и националното движење „Кан Кубрат“, а останатите шест се поднесени од различни поединци.

Како цели за најавените протести се наведени – против смената на Никола Минчев; за поддршка на владата на Кирил Петков; против кабинетот на Кирил Петков и барање за оставка на владата; за европска Бугарија без мафија; против високите цени на горивото; за компензација за високите цени на енергијата; заштита на бугарскиот национален интерес во Македонија. Дирекцијата за безбедност на Општина Софија разговараше со организаторите на сите најавени протестни настани и ги координираше во согласност со нивната апликација.

Поради тоа што барањата за протести се однесуваат на реонот околу зградата на Народното собрание, а дел од настаните се контрадикторни, Општина Софија и градската Управа за внатрешни работи ги преземаат неопходните мерки за физичко раздвојување на спротивставените групи за обезбедување на животот и здравјето на сите граѓани.

Денеска на јужната страна од зградата на Народното собрание, надвор од безбедносната зона, ќе има протести против владата на Кирил Петков. На северната страна од зградата на Народното собрание, надвор од безбедносната зона, ќе има протести за поддршка на владата на Кирил Петков.

Утре, пак, (22 јуни) на јужната страна од зградата на Народното собрание, надвор од безбедносната зона, ќе се одржат протести за поддршка на владата на Кирил Петков. Истиот ден, на северната страна на зградата на Народното собрание, надвор од безбедносната зона, протести против владата на Кирил Петков. Размената на местата на протестните настани е во согласност со времето на поднесување на пријавите.