Вакцинирањето против ковид-19 во Австрија од денеска станува задолжително за сите лица со 18 и повеќе години. Австриската влада, во соопштение, истакна дека вакцинирањето е ефикасно во борбата против сериозна болест и дека таков закон беше потребен да се донесе за да се избегнат затворања на земјата во иднина.
Задолжителното вакцинирање ќе биде на сила до јануари во 2024 година, но може да заврши и порано, во зависност, секако, од текот на пандемијата. Иако законот денеска стапи на сила, властите нема да го проверуваат вакциналниот статус на луѓето до средина на март.
Владата е свесна дека донесе навистина строга и тешка мерка. Ние сме политичари и имаме одговорност да го осигураме функционирањето на здравствениот систем и општеството во целина да живее нормално, изјави Каролине Едштадлер, министерка за ЕУ и устав.
Таа, сепак, признава дека задолжителното вакцинирање претставува мешање во човековите права, но, како што рече, „мешањето е оправдано во овој случај“.
Мора да завршиме со пандемијата и знаеме дека вакцинирањето е единствен излез, додаде таа.
Околу 72 отсто од Австријци се целосно вакцинирани, меѓутоа земјата и со такво ниво на имунизација на населението, заостанува зад другите западноевропски држави.




