Серија на необјаснети напади ја потресува Франција од саботата.
Во саботата еден човек нападна полицијаци во еден комесаријат викајќи “Алаху Акбар” (Господ е голем) по што беше убиен од страна на полицијата.
Во неделата еден возач удри и повреди десетина пешаци во Дижон по што истрагата утврди дека се работи за ментално болен човек и се отрфлија препоставките дека се работи за терористички напад.
Во понеделникот вечер во Нант еден мал камион удри во тезгите на еден новогодишен пазар и повреди повеќе луѓе од кои еден е “клинички мртов”, информираат властите.
И тоа не е се. Според агенцијата Ројтерс два нови обиди за напад се случиле во ноќта меѓу понеделник и вторник и во вторник сабајле. Во Стразбург еден возач удрил во портата на Големата џамија во центарот на градот. Ова беше оценето како “криминален и одвратен напад” од страна на претседателот на задружението на Големата џамија. Овој објект веќе беше предмет на пожар на 9 ноември.
Утринава еден човек вооружен со две пушки и нож бил уапсен во Кан.
Властите се уште не знаат дали станува збор за координирани и организирани акции ниту пак какви се мотивите. Засега е сигурно дека стравот почнува да владее во цела Франција.
Од тие причини премиерот Мануел Валс најави денес дека стапува на сила планот «Вижипират» што значи дека на полицијаците ќе им се придружат 200 до 300 војници. Засега војниците од овој посебен план се 780. Според премиерот, тие ќе се распоредат на места каде што има големо движење како трговските центри, центрите на градовите, железничките станици и другите транспортни центри.




