Анализа: Голем проблем за Путин во овие околности е и падот на неговата популарност во Русија.

Еден од најчестите аргументи на руската дипломатија за распоредувањето на 130. 000 војници на руската граница со Украина е опасноста за Русија од интеграцијата на Украина во НАТО.

Оваа аргументација која се повторува на сите средби на сите нивоa кои Москва ги има со западните земји има малку логика ако се земе во предвид фактот дека Украина не e во некаков критичен процес за интеграција во НАТО.

Во овој момент, Украина својот пик во намерите да стане дел од Алијансата го доживеа уште, во сега веќе далечната 2008 година на Самитот на НАТО во Букурешт кога во заклучоците од самитот беше наведено дека НАТО ги поздравува аспирациите на Украина и Грузија за членство во НАТО и се обврзува да работи на тоа овие две земји во иднина да станат членки на Алијансата во контекст на политиката на “отворени врати” на Алијансата. Од тогаш до денес не се случи никаков квалитативен потез кој ја доближува Украина до членство во оваа воено политичка организација. Напротив американскиот претседател Џо Бајден на неговата прва посета во Европа кажа дека се уште не е време за разговори за членство на Украина во НАТО. Дополнително во меѓувреме беа отфрлани сите гласни заложби на Украина за Акциски план за членство. Впрочем дека НАТО не е закана за руската безбедност јасно е и од случите на балтичките држави кои се исто така на границата на Русија кои се членки на НАТО уште од 2004 години и во кои НАТО никогаш не инсталираше нуклеарни ракети кои би предизвикале вознемиреност во Москва.

Што е тогаш причината за оваа руска нервоза?

Поранешниот шеф на финската дипломатија Александар Стуб во интервју за СИ-ЕН-ЕН кратко изјави дека проблемот на Путин е доближувањето на либералните вредности до неговата сфера на влијание.

Путин е носталгичен за историската Русија под која подразбира заеднички јазик, рускиот, заедничка религија, православна и број три е заеднички лидер, а тоа е Путин самиот. Она што се случува сега е неговиот голем сон или враќањето на Голема Русија или СССР. Тоа го видовме во Украина, во Грузија, делумно во Белорусија, во Молдавија. Има проблеми во Ерменија, не е супер популарен во таканаречените “станови” . Некои велат дека проблемот е НАТО, не е точно. Проблемот е ЕУ и амбициите на Украина за европеизација и тоа е негоиот проблем, тој не сака либералните вредности да завладеат во Украина” изјави Стуб.

Во таа смисла Путин очигледно бара само оправдување во, засега имагинарното членство на Украина во НАТО за да ја произведе оваа криза чија цел е да ја изолира Украина од демократскиот и либерален свет кој тој го чувствува како закана за неговите амбиции за враќање на моќта на Русија од минатиот век.

Во текстот на Путин објавен лани за историското единство на Украина и Русија тој самиот јасно напиша дека вистинската сувереност на Украина ја гледа единствено во партнерство во Русија.

Неговата фрустрација со Украина започна уште во 2004 кога го посети Киев во сред изборна кампања за претседател со поддршка за прорускиот кандидат Јушченко и кога наместо негово фаворизирање доби спротивен ефект кој натера милиони претходно аполитични гласови да излезат на изборите и да гласаат за проевропсккиот кандидат Јанукович. Десет години подоцна по новата победа на проевропските политички структури ја произведе кризата околу Крим и го анексираше овој регион на Украина.

Зошто Путин не може да го преболи минатото?

Путин е роден 1952 во Ленинград во “славната ера” на СССР. Период по големата победа во Втората Светска Војна, Спутник во вселената, создавање на хидрогенската бомба, Лаика и Јури Гагарин, демонстрацијата на моќ во Унгарија во 1956 и Чехословачка во 1968. Во тие славни времиња Путин е официр на КГБ во источен Берлин со целата слава и углед таму на СССР. Русија сега и тогаш разликата е огромна и тој си го сака славното минато назад. Затоа Путин ја врати советската химна и симболика, но и моќта и влијанието на црквата од времето на царска Русија.

Во обид да ги задржи или возобнови руските позиции од минатото тој постојано интервенира во Белорусија, а неодамна и во Казахстан каде што народот почна да протестира против се полошата социоекономска ситуација. Ова ситуација со Украина и анимирање на наративот за славното минато му се потребни и поради се потешката ситуација кај него дома во Русија. Тој ги има олигарсите околу него но нивните деца на пример живеат во Европа како на пример децата на еден од најблиските на Пути, Владимир Јакунин. Едниот син му е во Швајцарија, а другиот во Лондон без голема желба да бидат во маглата на Путиновата носталгија за Голема Русија. За Јакунин пак се вели дека ја изградил својата вила во близина на Москва од германски материјали што е чудно за човек кој јавно е познат како соработник на Путин кој има идеи како да ја направи руската економија независна од западот.

Кризата во Украина како спас за рејтингот

Голем проблем за Путин во овие околности е и падот на неговата популарност во Русија.

Според рускиот државен испитувач на јавното мнение WCIOM, на крајот на 2021 година само 25 отсто од Русите му верувале на Путин дека ќе ги реши нивните проблеми. Врз основа на податоците на „Левада“, пак, само 32 отсто од Русите би гласале за Путин. Овие бројки се околу половина од нивоата на доверба и поддршка што рускиот лидер ги уживаше до 2018 година.
Дополнително, 20-25 отсто од Русите се изјаснуваат дека ќе учествуваат на протести со политички и економски барања. Знаците на јавниот немир – и наглиот пораст на работничките протести во 2021 година – не се забележани уште од 1990-тите. Покрај овие грижи, народните бунтови ги разнишаа соседните диктатури во Белорусија и Казахстан до работ на колапс, заканувајќи се да ги мотивираат и Русите да го сторат истото” напиша Александар Матовски професор за национална безбедбност во морнаричката школа во Монтреј, САД.

Украинската криза му е повеќе од потреба и на тоа го учи и минатото. 2012 и 2013 Путин се соочи со пораст на незадоволството од се поголемите социјални разлики во Русија, но успеа да го спречи овој тренд со интервенцијата на Крим.

“Русите повторно се заморуваат од Путин, а истражувањата на „Левада“ покажуваат дека бројот на Руси кои сакаат тој да си замине од функцијата по неговиот сегашен мандат повторно ќе го надмине бројот на оние кои би сакале тој да остане претседател. Во 2024 година рускиот лидер се соочува со неговиот најконтроверзен реизбор досега, овозможен со уставни промени што ќе му овозможат да владее со Русија доживотно. Со ваква позадина, искушението да се поттикне уште еден конфликт во Украина може да стане огромно” вели Матовски, инаку поранешен советник за национална безбедност во кабинетот на Бучковски.

Како и да е Путин на тронот во Москва дојде со идејата да ја врати славата на Голема Русија и од неа нема да отстапи. Во таа смисла што и да се случи овие денови Украина ќе остане негов таргет се додека од Киев му се заканува либерализмот кој е антипод на путинизмот или како и да се нарекува неговиот режим.

Борјан Јовановски