По некое „уа“ и на места аплаузи. Негодувања и одобрувања, навредливи коментари по социјалните мрежи, солидна поддршка и одзив на членството на терен. И што е најважно, првата Парада на гордоста низ скопските улици заврши без инциденти.
Толпата тргна од паркот „Жена Борец“ во центарот на главниот град, мина крај македонското Собрание и Влада и пристигна во Градски парк каде во тек е музичкиот хепенинг. Припадниците на ЛГБТ заедницата ги пречека Тамара Тодевска и во нивна чест ја отпеа евровизиската „Proud“ чии стихови во целост се вклопуваат во концептот на Парадата на гордоста.
Учесниците во настанот ја минаа планираната рута со свирчиња, транспаренти и препознатливите знамиња во боите на виножитото, но и позитивна енергија. Освен жители на Скопје, во Парадата учествуваа и припадници на ЛГБТ заедницата и од други градови во С. Македонија, но и од странство. Забележливо беше присуство на гостите од неколку држави во регионот како Црна Гора, Србија, Грција, Хрватска, Словенија и од Велика Британија.
На Парадата на гордоста се појавија и министерката за одбрана Радмила Шекеринска, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, поранешниот пратеник Павле Богоевски, советникот Роберт Алаѓозовски и голем број на членови на невладини организации и здруженија.