Посмртните останки на 136 жртви на геноцидот во Сребреница утрово од Високо пристигнаа во Сараево. Превезени со камион, жртвите чиј идентитет е утврден, ќе бидат погребани во меморијалните гробишта во Поточари.
Илјадници граѓани распоредени на двете страни на патот им оддадоа почит на жртвите.
Конвојот кој пристигна пред зградата на претседателството на Босна и Херцеговина во Сараево беше пречекан од страна на бошњачкиот член на тројното претседателство на Босна и Херцеговина Бакир Изетбегович, хрватскиот член Драган Чович, претседателот на претставничкото собрание на БиХ Шефик Џаферович, претседателот на Исламската заедница на БиХ Хусејин Кавазович, амбасадорот на Турција во Сараево Џихад Ергинај, како и голем број министри, амбасадори, градоначалници и граѓани.




