Судското рочиште за предметот „Еразмус”, во кој шест лица вработени на Економскиот факултет во Скопје се товарат за примање поткуп и злоупотребување на службената положба, денеска е одложено по барање на адвокатот на одбраната, Јован Јоанидис за изземање на судиите од Судечкиот совет, Љубинка Башеска и Ивица Стефановски.
Според адвокатот Јоанидис, постои сомнение дека овие судии не можат непристрасно да одлучуваат бидејќи веќе еднаш одбиле жалба на одбраната.
Судењето е одложено се додека в.д. претседателот на Основниот суд Скопје 1 Скопје, Татјана Михајлова, не одлучи по барањето за изземање.
Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинение за примање „поткуп“ во октомври минатата година. Во случајот „Еразмус“ се обвинети шест лица, професори и демонстратори од Економскиот факултет во Скопје и еден вработен во бифето.