Народното собрание на Бугарија денеска му го одзеде пратеничкиот имунитет на лидерот на националистичката партија Атака, Волен Сидеров, поради скандалот со обвинувањата за шверц на наркотици.
Бугарското Јавно обвинителство побара да им биде одземен имунитетот на Сидеров и на неговиот сопартиец Десислав Чуколов за да може против нив да покрене обвиненија за „хулиганско однесување“.
– Денеска е многу убав ден за бугарската нарко мафија, бидејќи со одземањето на мојот имунитет, таа ми нанесе тежок удар со тешката рака на државната машинерија, изјави Сидеров по гласањето во Собранието.
Сидеров и Чуколов минатиот месец, во придружба на службеници на полицијата за стопански криминал упаднаа во една трафика во центарот на Софија, со тврдење дека таму се препродава дрога. По претресот на објектот полицијата не пронашла никакви наркотички средства ниту шверцувана стока, поради што пратениците беа принудени да му се извинат на сопственикот на продавницата.
Одземањето на имунитетите уследи откако барањето на Обвинителството беше одобрено од специјално формираната Анкетна комисија на Парламентот.




