Близу 2.000 луѓе загинаа во силниот земјотрес со јачина од 7,8 степени по Рихтеровата скала кој вчера го погоди Непал, северниот сосед на Индија кој се простира на Химелаите. Како што јавуваат новинските агенции, се стравува дека бројот на жртвите може да расте со тоа што дури сега стигнуваат податоците од најодалечените краеви на државата.
Точните бројќи покажуваат дека во Непал загинале 1.970 лица, додека во соседните земји 60 луѓе, а само во главниот град на Непал, Катаманду животот го изгубиле 721. Меѓу жртвите се и 17 алпинисти кои кампувале во подножјето на Монт Еверест.
Првичните проценки се дека повредени се најмалку 5.000 луѓе.
Десетици илјади жители на Непал ја поминале ноќта на отворено, а по силниот земјотрес почуствувале уште неколку потреси. Ова е најсилниот земјотрес во последните 80 години што ја погодил една од најсиромашните држави во Азија. Уништени се делови од Катаманду, а потресот се почуствувал и во делови на Индија, Бангладеш, Тибет и на Пакистан.
Поголем дел од главниот град е без струја и вода денеска, меѓутоа аеродромот е отворен и веќе почнала да стигнува хуманитарната помош.




