Генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун го осуди американскиот воздушен напад врз болницата во авганистанскиот град Кундуз во кој загинаа најмалку 19 и уште 37 луѓе беа ранети и побара независна и транспарентна истрага.
Во воздушниот напад за кој се обвинети американските воздушни сили во северниот дел на Авганистан беше нападната болница на меѓународната хуманитарна организација Лекари без граници, во која во моментот на нападот имало најмалку 105 пациенти и уште 80 вработени и персонал, Авганистанци и странски државјани.
Американските медиуми известуваат дека најмалку 12 вработени во Лекари без граници се меѓу жртвите, како и четири возрасни пациенти и три деца. Покрај 37-те ранети, уште многу луѓе се водат како исчезнати во остатоците од едно болничко крило кое целосно е уништено.
„Генералниот секретар силно ги осудува воздушните напади во Киндуз кои предизвикаа смрт и повреди на медицински персонал и пациенти во болницата на Лекари без граници на 3-ти октомври“, се наведува во писмената изјава од кабинетот на Бан Ки-мун во која се потсетува дека болниците и болничкиот персонал се строго заштитени со меѓународното хуманитарно право.
Американската војска призна дека изведувала воени операции „во близина“ на болницата, наводно гаѓајќи ги талибанските бунтовници кои пукале врз американски воен персонал и дека го истражува случајот.
Првата бомба паднала во 2,10 часот во саботата утрото, на персоналот на MSF се јавил во штабот на НАТО во Кабул во 2,19 часот, а воените функционери во Вашингтон ги информирале неколку минути подоцна, но бомбардирањето продолжило до 3,13 часот, изјавил за Reuters неименуван функционер на Лекари без граници.
Американскиот претседател Барак Обама изрази сочувство поради настраданите здравствени работници и персоналот, нарекувајќи го тоа „трагичен случај“.
Во соопштението на Белата куќа се наведува дека целосна истрага води Министерството за одбрана.
„Ќе ги почекаме резултатите од истрагата, пред да донесеме конечен суд за околностите на оваа трагедија“, се наведува во соопштението на Обама.
Кундуз е голем и стратешки важен град во северен Авганистан, и изминатата седмица беше заземен од талибанските бунтовници. Авганистанското министерство за одбрана објави дека талибаните ја напаѓале болницата и ја користеле како „човечки штит“.




