ОН побараа итни политички преговори меѓу власта и опозицијата во Венецуела за да запре ескалацијата на политичките тенции, по изборите во неделата, кои завршија со жртви.
-Генералниот секретар ги повикува граѓаните на Венецуела, особено оние кои претставуваат некаква сила во државата да направат се за да се намалат тензиите, да се спречи насислтвото и жртви и да се најде пат за политички дијалог, соопшти портпаролот на ОН Стефан Дужарик.
На изборите за уставотворното Собрание одржани во неделата во Венецуела, сменет е составот на законодавното тело – најголемата моќ сега премина во рацете на социјалистичкиот претседател Николас Мадуро.
Опозицијата ја оспори победата велејќи дека гласале само 12 отсто од избирачите. За време на гласањето многу демонстранти против изборите што ги спроведе претседателот константно се судираа со полицијата. Според полициски извори, животите ги загубиле најмалку 10 лица.
Гласачите избирале 545 члена на уставотворното собрание, чие формирање го бараше претседателот на Венецуела.
Опозицијата со месеци се противи на овој предлог со образложение дека Мадуро само ќе ја зајакне диктатурата.
Мадуро, кој е непопуларен во Венецуела поради економскиот колапс кој во изминатите четири години ѝ се случи на државата, инсистирал на гласањето со цел да се оформи собрание кое би имало широки овластувања.
На ваквиот предлог опозицијата одговори со повеќемесечни протести, а САД ѝ се заканија на Венецуела со санкции.
Критичарите предупредуваат дека собранието ќе му овозможи на Мадуро да го распушти Конгресот во кој мнозинството го има опозицијата, односно дека ќе ги одложи идните избори и ќе ги смени изборните правила.
Американската амбасадорка во Обединетите нации, Ники Хејли, преку „Твитер“ порача дека изборите што ги организира Мадуро се „уште еден чекор кон диктатура“ и дека САД „нема да ја прифатат незаконската влада“ во Каракас.
Агенцијата „Ројтерс“, која го објави твитот на Хејли, пишува дека ова може да се толкува и како прв официјален став на Вашингтон на гласањето што го организира претседателот Мадуро.




