Работната група на ОН денеска објави дека основачот на Викиликс Џулијан Асанж е произволно притворен и побара негово ослободување.
Панелот составен од петмина експерти ги повика Британија и Шведска да го прекинат неговото „лишување од слобода“, бидејќи како што вели мора да се почитува „физичкиот интегритет и слободата на движење“ на Асанж и воедно да му ја надоместат штетата.
Портпаролот на британскиот премиер изјави вчера дека Асанж ќе биде уапсен доколку излезе од Амбасадата на Еквадор, без разлика на одлуката на комисијата на ОН, бидејќи како што рече, таа не била правно обврзувачка.
Асанж претходно вчера изјави дека ќе и се предаде на британската полиција доколку ОН не одлучат во негова корист, но доколку таа биде поинаква, тогаш очекува да му се врати пасошот и да прекинат обидите за апсење.
Асанж во септември 2014 година поднесе тужба против Шведска и Британија до Работната група на ОН, поради одлуката за арбитрарно притворање поради што не може да ја напушти Амбасадата на Еквадор, а притоа да не биде уапсен.
Тој таму се наожа од јуни 2012 година за да избегне испорачување во Шведска каде што се бара за распит во врска со обвинувања за силување во 2010 година, што тој го негира.
Асанж стравува дека Шведска ќе им го испорача на САД каде што би можел да се најде на суд за објавување доверливи воени и дипломатски докумети преку Викиликс, што претставува едно од најголемите протекувања на вакви информации во историјата на САД.




