Здравствена установа „никогаш не треба да биде цел“, изјави денеска портпаролот на Обединетите Нации (ОН), Стефан Дужарик по рускиот воздушен напад врз детска болница во Украина.
Обединетите нации и Светската здравствена организација (СЗО) повикаа на „итно прекинување на нападите врз здравството, болниците, здравствените работници и амбулантите, рече Дужарик на прес-конференција.
Властите во југоисточниот град Мариупол, кој е под постојано гранатирање од руската војска, соопштија дека во денешниот напад биле повредени најмалку 17 вработени во болницата.
„Досега се повредени 17 лица од болничкиот персонал“, рече Павло Кириленко, началник на југоисточниот регион Доњецк, во видеото објавено на Фејсбук и Твитер. Тој додаде дека „засега нема повредени деца“ и нема загинати.




