Унгарија намерно ги изгладнува мигрантите, на кои им е одбиено барањето за азил и кои чекаат да бидат депортирани, што е директно кршење на меѓународното право, соопштија од Агенцијата за човекови права на ОН во Женева.
– Според достапните извештаи, од август 2018 година, 21 мигрант, кои чекаат да бидат депортирани не добиваат редовно храна, а некои и по пет денови, се вели во соопштението на Агенцијата.
Владата на Виктор Орбан континуирано е критикувана за политиката кон мигрантите.
Голем број членови на политичката партија на Виктор Орбан во ЕУ, Европската Народна Партија (ЕПП) со месеци изразуваат незадоволство поради тврдите антимигрантски ставови на Унгарецот, како и поради неговите систематски напади врз независноста на институциите, медиумите и академските слободи.
Орбан и лидерот на италијанската екстремна десница и министер за внатрешни работи Матео Салвини вчера се сретнаа во Будимпешта каде најавија антимигрантски сојуз по европските избори, јави МИА од Брисел.
Иако не се дел од истото политичко семејство, Салвини и Орбан констатираа дека имаат идеолошка блискост кога станува збор за миграцијата.
– Јасно бараме соработка со господинот Салвини, во облик кој треба да биде дефиниран, убеден сум дека на Европа и е потребен сојуз на антимигрантски партии, изјави унгарскиот премиер на прес конференцијата.




