Двајца убиени, а повеќемина се уапсени во рамки на антитерористичката акција на белгиските служби која заврши, соопшти министерот за надворешни работи, Дидие Рејндерс.
„Операцијата на теренот е завршена. Сега ги обработуваме податоците и ќе разгледаме дали полицијата и обвинителството треба да преземат дополнитени чекори“, изјави Рејндерс.
Полициските рации беа спроведени во Брисел, Ајндховен и во Вервие, при што е разбиена џихадистичка група што подготвувала напад.
За време на рацијата во Вервие, осомничените отвориле оган, при што полицијата убила двајца од нив, а едно лице е рането. Белгиските власти соопштија дека терористите подготвувале терористички напади слични на минатонеделните од Париз, при кои вкупно 17 луѓе загинаа.
Акцијата на белгиската полиција, според премиерот Шарл Мишел, е доказ за посветеноста на Белгија кон борбата против тероризмот.




