Андрија Мандиќ, претседателот на Нова српска демократија, упати ултиматум до црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ до сабота да поднесе оставка, најавувајќи дека во спротивно ќе ја собере цела Црна Гора да ја собори владата.
Мандиќ пред неколку илјади приврзаници, пред зградата на Министерството за внатрешни работи ги повика и коалиционите партнери да ја напуштат власта и да формираат преодна влада.
„До сабота ако не формираат преодна влада и не падне сегашната на Ѓукановиќ, цела Црна Гора доаѓа овде и ние ќе ги симнеме од власт. Им даваме пристоен рок. Ние денеска дојдовме како пратеници, а во сабота ќе ја повикаме цела Црна Гора“, порача Мандиќ, истакнувајќи дека здружениот Демократски фронт има план врз основа на народната волја.
Мандиќ ова го порача по протестниот марш на повеќе илјади приврзаници од плоштадот Република до зградата на МВР. Протестниот марш беше организиран поради акцијата на полицијата во која беа тргнати шаторите и бината пред Парламентот по 20 дена протест на приврзаниците на Фронтот.
Поради полициската бруталност кон демонстрантите, реагираа стотици Црногорци.




