Ерменскиот опозициски лидер Никол Пашинјан денеска изјави дека се сретнал со руски претставник кој го уверил дека Русија нема да се меша во политичката криза во Ерменија.
Пашинјан го соопшти тоа за време на протест на централниот плоштад во главниот град Ереван.
Претходно денеска, Кремљ соопшти дека во телефонски разговор меѓу претседателите на Русија и Ерменија Владимир Путин и Армен Саргсјан се согласиле дека ерменските политички сили треба да покажат воздржаност и преку дијалог да најдат излез од кризата.
На митингот, Пашинјан ги повика луѓето да продолжат со мирните акции на граѓанска непослушност низ земјата „до победоносниот крај”, јави ТАСС. Тој предложи да продолжат штрајковите и блокирањето на улици и крстосниците, а утре во 12 часот по локално време сите автомобили да запрат на дваесет минути. Според опозицискиот лидер, привремениот премиер Карен Карапетјан „треба да сфати дека сите негови обиди да остане на власт се бесмислени”.




