Унгарскиот премиер Виктор Орбан бара укинување на санкциите на Европската Унија (ЕУ) против Русија најдоцна до крајот на годината, пренесе агенцијата ДПА.

Според провладиниот весник „Маѓар Немзет“, тој изјавил дека казнените мерки насочени кон Москва биле „наметнати на Европејците од бриселските бирократи“.

Во говор на состанок на пратеничката група на владејачката партија Фидес во одморалиштето Балатоналмади на езерото Балатон, Орбан рече дека „санкциите предизвикуваат економски проблеми, енергетска криза и инфлација“.

Агенцијата ДПА потсетува дека Орбан одржува добри односи со рускиот претседател Владимир Путин. Досега тој ги поддржуваше санкциите на ЕУ кон Русија. Во исто време, тој можеше да преговара за ослободување на неговата земја од ембаргото за нафта.