САД врши притисок врз Унгарија поради нејзината соработка со Русија по прашањата за енергетиката, вели унгарскиот премиер Виктор Орбан, пренесуваат тамошните медиуми.
– САД ја изложува Унгарија на притисок, бидејќи погрешно мисли дека е блиска со Русија, изјавил унгарскиот премиер Виктор Орбан во четвртокот навечер по завршувањето на средбата во Минхен со Хорст Зихофер, премиерот на регионалната влада на политички влијателната германска покраина Баварија.
Орбан појаснил дека неговата политика „не е проруска, туку проунгарска“, а енергетскиот избор на Унгарија е насочен на „јакнењето на економската компетититвност“, истовремено „намалувајќи ја нејзината зависност“, пренесува агенцијата АФП.
Во септември, американскиот претседател Барак Обама ја наведе Унгарија меѓу земјите во коишто е присутна „закана за цивилниот сектор“.
Последните седмици американската администрација изрази жалење поради „негативниот развој“ на Унгарија, и прогласи за непожелни лица во САД шест унгарски функционери кои ги сомничи за корупција, меѓу кои и директорката на тамошната управа за даноци.
Според Виктор Орбан американското незадоволство е директно поврзано со поддршката на Будимпешта на планот за изградбата на рускиот гасовод Јужен тек кој ќе ја заобиколи Украина.
Орбан во вторникот навечер потврди дека е решителен во поглед на реализацијата на рускиот гасовод Јужен тек, на што се противат Европската унија и САД, ден откако парламентот во Будимпешта со надмоќно мнозинство ги усвои амандманите со кои се отвора патот из изградбата на унгарската делница.




