Дмитри Орлов, градоначалник на украинскиот град Енергодар, во чија близина се наоѓа нуклеарната централа „Запорожје“, утрово изјави дека ситуацијата сè уште е тешка, иако гранатирањето престана.
Орлов на Фејсбук напиша дека пожарот во нуклеарниот комплекс е изгаснат.
Тој соопшти дека Енергодар синоќа останал без греење поради оштетување на топлинскиот цевковод при гранатирањето, а сега се разгледува можноста за негово повторно ставање во функција.
Претходно, украинските власти соопштија дека руската армија синоќа со тешко оружје пукала кон нуклеарната централа и дека имало пожар во зградата на центарот за обука. Се наведува дека изгорела и зградата на лабораторијата.
„Интерфакс Украина“ наведува дека од шесте блока во нуклеарната централа, во моментов само еден работи.




