Садула Дураку е политичар со искуство рече вицепремиерот за евроинтеграција Бујар Османи на прес конференцијата со унгарскиот шеф на дипломатијата на новинарско прашање зошто Дураку и покрај лошите резултати во Министерството за животна средина добива нова позиција во Владата, сега министер за политички систем.
„Од петте министри на ДУИ во новиот состав, четворица се млади кадри под 40 години, сите школувани во европските држави. Дураку е искусен политичар којшто е носител на институционалната и политичка меморија на ДУИ чија улога е да го трансформира Секретаријатот за рамковен договор во Министерство за политички систем, а имајќи во предвид дека е дел од учесниците на подготвување на Рамковниот договор нема човек кој подобро го знае духот на Охридскиот договор“ кажа Османи.
Тој исто така наведе дека Дуи направила „интeресен мозаик на искуство и младост коишто испорачува резултати“.
Дураку со реконструкцијата беше сменет од министер за животна средина по критиките во јавноста дека нема резултати против загадувањето. Тој сега е предложен за министер во новоформираното Министерство за политички систем.
Нов министер за животна средина ќе биде биде Насер Нуредини кој се школувал за меѓународен бизнис во Австрија, Германија и Велика Британија.