Сопственик на телевизија, синдикален лидер, новинар, претседател на Совет на општина, студенти, лидер на опозиција, политичари и многу други граѓани обвинети и осудени во контроверзни случаи кои беа апсени и спроведувани во судот беа изложени на јавна осуда уште пред воопшто за нив да постои некакво обвинение ќе добијат можност да побараат повторување на судската постапка.
Уште пред да започне секој од овие случаи и многу други, беше медиумски експониран, а Министерството за внатрешни работи преку нив испраќаше порака дека се бори со криминалот и корупцијата во државата.
https://www.youtube.com/watch?v=ZcIUBUIaUaY
Оваа можност се предвидува со Законот за преиспитување на судски одлуки со кои се прекршени човекови слободи и права кој се уште е во нацрт верзија, а го изготви Комитетот за заштита на правата.
„Овој тип закони се ад-хок закони и секогаш во историјата на државата и правото се донесуваат вообичаено по владеењето на еден тирански режим. Македонија од 1991 година таков закон нема донесено, бидејќи во нормална држава функционираат и Уставот и законите. Овој закон ќе има важност од една година и ќе им овозможи на сите луѓе, чии права биле повредени во судските постапки, да добијат можност за повторување на истите постапки“, вели за НОВА ТВ, Слободан Богоевски кој е член на Комитетот за заштита на правата.
Тој додава дека за повторно да се отвори еден случај во постапката ќе треба да биде повредено правото на презумција на невиност, ако во постапката се јавува заштитен сведок, ако има нееднаквост на оружјата во судската постапка, ако случајот се темели со злоупотреба на материјал од пи мерки.
Богоевски објаснува дека речиси во секој политички монтиран случај постои „заштитен сведок“, кој уствари е полициски агент или провокатор и нема никаква врска со случајот, туку е подготвен од лицата кои ја организираат целата работа. Богоевски вели дека во многу ситуации во овие случаи, дозволите за прислушување ги издавале судови кои воопшто не биле надлежни за тоа.
Според нацрт верзијата на законот, барањето за повторување на постапката, осудениот или пак член на неговото семејство ќе треба да испрати до надлежниот суд кој ја донел првичната одлука. Потоа судот барањето го испраќа до Јавното обвинителство кој во рок од 15 дена треба да даде свое мислење, односно да каже дали се откажува од постапката, да го дополни или преиначи обвинението.
Дали ќе се дозволи или нема да се дозволи повторување на постапката во овие случаи ќе одлучува судија и судски совет од надлежниот суд, но во ниту еден случај, во постапката нема да може да биде вклучен и оној судија или судски совет кој веќе еднаш донел одлука за овој предмет.
Како што вели Богоевски, ако се донесе одлука за повторување на постапката ќе се укинат сите претходни мерки донесени за овој предмет. Според него, ова ќе биде од корист за семејствата и за жртвите кои биле осудени во вакви случаи. Тој вели дека според досегашните пресметки и анализи на случаите очекуваат да се повторат околу 30 до 35 случи.
„Едноставно не може да се прават никакви реформи во правосудството, ако претходно не ги расветлиме овие случаи кои оставаат една голема дамка во правосудството. Во изминатите десет години во Македонија, вакви случаи има многу. Многу луѓе ги изгубија и животите и здравјето, но и имотот поради политички монтирани случаи. Оваа неправда мора да се исправи. Овој закон треба да им ја врати вербата на граѓаните во правосудството и дека постои можност за фер судење.
И универзитетските професори Љубомир Фрчкоски и Беса Арифи сметаат дека без расчистување на политички монтираните случаи не можат да се спроведат вистински реформи во судството. Тие на оваа тема зборуваа на трибина која ја организираше Комитетот за заштита на правата.
„Најтежок во таа група закони е обнова на постапката. Се поставува прашањето кои постапки да се повторат. Сите сметаат дека се неправедно осудени. Тоа е огромен број и постои опасност да заглавите и да ви пропадне проектот“, вели Фрчкоски.
И професорката Беса Арифи смета дека без наоѓање на правда за тие случаи не може да се каже дека правдата на кој било начин ќе се воспостави во Република Македонија.
„Не може да се воспостави ни довербата кон судството и кон државните органи сѐ додека за овие случаи што ги знаеме како монтирани случаи не се овозможи повторно судење“, рече Арифи.
Пред да се испрати во Владата, овој закон треба да го разгледа и Советот за реформи во правосудството. Откако ќе биде одобрен на Влада, законот ќе биде испратен во Собранието каде ќе се гласа со обично мнозинство.
Овој закон е дел од пакетот закони кои итно треба да се изгласаат. Заедно со овој закон е и Законот за амнестија, законот за поништување на лустрацијата и Законот за отворање на досиејата на заштитените сведоци.