Лидерите на „Отворен Балкан“ со денеска потпишаните документи од областа на туризмот им овозможуваат на граѓаните на трите земји да се одмараат во Саранда, Охрид или Копаоник по поубави цени. Во меѓувреме, претпријатијата на Македонија, Србија и Албанија одговорни за патарините веќе работат на развивање на систем кој со користење електронска картичка ќе ги „ препознава“ граѓаните од овие земји за да се избегнат гужвите, изјави премиерот Димитар Ковачевски на завршната прес конференција на самитот на „Отворен Балкан“ кој овие два дена се одржуваше во Охрид.

 

„Час поскоро, нашите граѓани од Отворен Балкан да почувствуваат нови економски и други бенефити. Може тоа да биде убав одмор во Саранда, Охрид или Копаоник. По поволни услови, со прилагодени цени. Може да бидат нови поволности и олеснувања за побрз проток на стоките кои фирмите треба да ги увезат или извезат. Побрз проток на нашите граѓани.
Еве денес ќе најавам дека претпријатијата од трите наши држави кои ги управуваат патарините работат на поврзување на системите за електронска наплата на патарина. Тоа значи дека граѓанин од Србија со ТАГ за електронска наплата на своето возило ќе може без застанување да помине и на македонска и албанска патарина – системот ќе го препознае и рампата на патарина сама ќе се крене, со електронска наплата. Така ќе ги намалиме гужвите по автопатите и патарините, а граѓаните побрзо ќе стигнат до крајната дестинација, изјави премиерот Ковачевски. 

Веќе се подготвуваме за саемот на вино и храна кој во септември ќе се одржи во Белград. Ќе конципираме работна група за храна и за енергија бидејќи недостатокот ќе го чувствуваме сите . Овој самит носи пресврт зашто и Црна Гора и Босна и Херцеговина беа присутни. Разговаравме, се разбираме и ќе успееме за Западен Балкан да го направиме Отворен Балкан, изјави премиерот Ковачевски.

Одговарајќи на новинарско прашање за преговорите со Бугарија и можноста за почеток на пристапните преговори со ЕУ, Ковачевски рече,

„ Во секои преговори постои минимум барање а тоа е доверливоста на преговарачките страни. Ние во ниту еден момент прашањето за преговори со Бугарија не го инструментализиравме еднострано или да го користиме за внатрешна политичка употреба,  за разлика од другата страна која постојано ова прашање го инструментализираше, го користеше за внатрешна политичка употреба. И после пет месеци се уште ние како држава сме отворени да разговараме со претседателството на ЕУ затоа што ние сме доверлив партнер како за соседите така и за ЕУ“, рече Ковачевски кој повтори дека ние сме држава која и своите меѓународни односи и своите внатрешни односи ги имаме изградено на највисоко врвно европско ниво, и дека прашањето на владината коалиција на Бугарија е внатрешно политичко прашање на таа земја.Преговараме изминатите 5 месеци  со Бугарија и сме отворени да разговараме со посредство на претседателство на ЕУ зашто сме доверлив партнер на Меѓународната заедница, изјави Ковачевски.

Претседателот на Србија Вучиќ истакна дека било договорено од трите земји да се организираат експертите и низ една работна група да ги пресретнат најавите за поскапување на храната и енергијата и да се амортизира ударот кој го чувствува регионот, Европа и целиот свет.

„Сакам на нашите браќа и сестри  Македонци да им кажам дека ние ништо не бараме само сакаме братски и пријателски однос и да ви порачаме дека можете да сметате на нас, изјави претседателот на Србија, Вучиќ.

Во овој дух говореше и албанскиот премиер Рама, кој нагласи дека Отворен Балкан е отворен за сите граѓани во регионот  дури и за оние кои сакале да „пливаат“ во затворен Балкан.

„Отворен Балкан се роди како идеја на тројца луѓе а денес не е само на тројца луѓе, денес е на сите граѓани и се повеќе ќе биде на се повеќе луѓе. Доволно е да дојдете со автомобил овде во Охрид за да ги видите промените кога на табла ќе видите напишано зелен коридор на Отворен Балкан што значи големо напредување од разрушените ѕидови до отворените патишта, изјави премиерот Рама.

На прес конференцијата се обратија и претставниците од Црна Гора и Босна и Херцеговина, Дритан Абазовиќ и Зоран Тегелтија. Рекоа дека почувствувале позитивна енергија и се задоволни од темите кои одат во насока да им го олеснат функционирањето на граѓаните и на бизнисот во регионот. Не кажаа стриктно дали би се приклучиле кон иницијативата но симпатијата за она што го видоа и слушнаа во Охрид се препознаваше во настапите и  на двајцата.

Мирјана Трпческа