Close Menu
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025
Фото: Фејсбук профил Салвјанка Петровска

Интервју со пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска: Ни треба повеќе храброст но не во ветувањата туку во исполнувањата

March 25, 2025
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

Отворен Балкан: Како стана актуелен романот „Внимавај така да останам невина“

0
By Zoran Ivanov on February 12, 2026 ТЕМА
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email
Published: Thursday, February 12, 2026 09:02

Кои се последиците на скандалот со запленетата марихуана по одговорните функционери и вршители на јавни функции и во Србија и во Македонија? Во Србија преминале не 5, туку 7 тони дрога за половина година! „Магационерите“ на дрогата вперија прст кон министерот за одбрана кај северниот сосед. Вучиќ веднаш ја префрли топката во земјава, а Мицкоски се обидува да организира своевиден карнeвaл во кој ќе има бројки, ама нема да има виновни во институциите под негова контрола

Љубомир Костовски

Ако иницијативата Отворен Балкан требаше да има регионални придобивки за повеќе држави од југоистокот на Европа, како економски, така и политички, се чини дека засега од истата најголема корист имаат криминалците. Ова го потврди и најновата афера која би ја нарекле „корнишоните од југот“ со која се покажа дека споменатата групација очевидно доби поодврзани раце во извршувањето на своите – во крајна линија – бизнис релации на Полуостровот.

Оваа ситуација, после откривањето на пет тони марихуана на подрачјето на Крушевац не е поволна за политичките врвови и во Белград и во Скопје. За Македонија, пак, додатно е непријатна, бидејќи нè потсетува дека економското значење на нашава земја често се сведува на онаа вредност од турско време – дека тука успева многу квалитетна дрога. Се мисли секако на сите видови на опијати по кои е познат Ориентот.

Таа улога сме ја имале и после заминувањето на Османлиите, кога оние кои дошле по нив своите девизни приливи ги зголемувале токму од кај нас, посебно од тиквешкиот крај, каде некогашните вулкански ерупции добро го „наѓубриле“ тлото што давало квалитетни дроги со векови. Па и постарите генерации знаат дека кога бебето многу плачело, па мајките и бабите не можеле да се посветат на секојдневните работи, ќе му дале од катранот чуван на таванот и тоа веднаш заспивало, без да го пореметува дневниот ред кај земјоделците.

Што правите, ова е државно

Сето тоа е познато, само што сега петте тони марихуана најдени во село кај Крушевац, спакувана во дневни дози за потрошувачите, инаку една макотрпна, но белким и потенцијално добро вреднувана работа, барем за оној кој дрогата ја испратил. Адресата на испраќачот била добро позната многу бргу, а излегло дека тој си ја испраќал самиот на себе! Сите соосновачи на скопската фирма од каде што потекнува дрогата се од Крушевац, а адресата, која не ни била пост рестант е позната. Впрочем, еден од сооновачите е меѓу уапсените во Србија, што дава можност да учествувал во преносот, ако ништо друго барем како „пазач“.

Самото изненадување на магационерите кога дошла полицијата било големо: „Што правите!? Па ова е државно!“ При тоа, тие го споменувале името на еден српски моќник – „повикајте го Бата Гашиќ“.

Именуваниот е миленик на српскиот претседател кој го мести постојано на одговорни функции: беше министер за внатрешни, потоа прв човек на БИА, а сега и министер за одбрана, инаку по потекло исто така од Крушевац, што секако е индикативно.

Можеби јавноста заборавила, ама тој еднаш беше сменет од функцијата министер за одбрана кога на една прес конференција на една новинарка и падна диктафонот на земја, таа се наведна да го земе а тој изјави – „колку сакам кога новинарките клечат меѓу моите нозе“ што предизвика демонстрации од фелата, по што Вучиќ го смени. Но, не за долго, па му ја довери задачата – министер за внатрешни работи; па му се случи исчезнувањето на малата Данка Илиќ (2) од Заечар, па тој некако силуваше „сознание“ дека детето е убиено, но телото на девојчето не е најдено. Уапси неколкумина водоводџии, еден приведен умре од ќотек за да признае, двајца на суд порекнаа дека биле убијци, туку признале за да не ги тепаат толку… Засега судот не ја признава истрагата и тезата на министерот, тогашен, за валидна.

Потоа стана прв човек на БИА за сега одново да се врати на старото место – министер за одбрана. Сето тоа, пред сè, кажува како овој функционер ептен му се погодил на Вучиќ, односно дека тој сака токму такви – кадри. Ова се детали кои навидум немаат врска со запленетата дрога, но извесно е дека имаат, особено ако се погледне целиот тој кадровски рингишпил на владејачката СНС.

Оставено бебе во кошница

Јасно, во стартот никој не сакал ништо да признава на двете страни на границата, бидејќи, веднаш беше јасно, дека толкав товар просто не можел да се движи незабележано – како да се работело за кошница со тукушто родено бебе кое заплакало пред поповски порти! Се разбира, за властите од двете страни на „равенката“ најдобро е темата да се заборави. Ама стоката е сепак кабаста, многу вредна, а згора има некој „одозгора“ (ја викаат ДЕА) кој ќе бара да се расчисти целата афера, бидејќи без тоа, борбата против дрогата, за која сите на зборови се залагаат во регионот, е просто безвредна да се споменува.

Објективно, ниту бабицата, ниту попот, во овој случај не требало да бидат познати. Како што којзнае колку пати претходно се одвивал сообраќајот на патот на дрогата на релација Македонија – Србија. Таквата трговија се одвива на добро истапкани патеки, со познати актери кои го обезбедуваат преминот, а потоа останува да се дели добивката. Па и не мора да се дели со некакви дилеми – таа просто е дел од некаква заедничка сметка од која се намируваат добро познати учесници во бизнисот.

Фактот што работата е откриена веројатно ги возбудува оние од политичкиот врв на двете соседни земји. Вучиќ вели – дрогата не е наша, дојдена е од Северна Македонија, ние ја запленивме и работата од наша страна е завршена. Премиерот Мицкоски, по денови молчење, во средата, 3 февруари, на новинарско прашање за темава одговори со контра прашање – а од каде се знае дека дрогата е наша? Дури стана непријатен кон една новинарка која постојано го прашува за дрогата и на која ѝ се сосипа во стилот „за кого навиваш ти“ – за нас или за странците? Во стартот беше јасно дека и двете страни ќе се трудат работата да се заборави. А може ли?

Не, на Мицкоски му требаше малку повеќе време да најде квалитетен изговор за сопствената позиција во целата афера, откако Вучиќ брутално му го тргна тепихот од под нозете, па два дена потоа најави истрага со што секако ги алармираше потенцијално виновните кај нас. При тоа, доста внимателно, не ја спомна српската страна ниту било кој начин (!), како пофер играч кој просто знаеше дека тој ќе мора да биде исто така актер во претставата која српската страна веќе ја подготвила според романот на Звонимир Мајдак – „Внимавај така да останам невина“.

Инаку српскиот министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ, во изјавата на местото на заплената на пет тони марихуана рече дека „минатата година се запленети вкупно седум тони наркотици“, односно пет плус два, без да селектира колку од таа маса се однесува на марихуана, за што јавноста во Србија не знае или не стигнала да се изначуди. Ова секако е важен дел од таа изјава, бидејќи, укажува на можна фреквентна концентрација кај северниот сосед, односно дека ова со откритието на магацинот со селото Коњух секако не е изолиран случај – тоа е просто добро разработен бизнис, а додаде дека не е сета марихуана за тамошниот пазар, туку дека од Србија оди во странство. Отворен Балкан, нема што. Зошто се боревме границите да се чиста формалност!?

Сличен амбиент во двете соседни земји

Но, двете земји не се само дел од многу профитабилен, а илегален бизнис. Обете имаат многу слични механизми за одбрана на власта од било каква вина, по било кое непријатно прашање, за афери да не говорам.

Судејќи по провладините медиуми во двете земји, прашалникот за одговорноста на властите во двете земји, просто беше одбегната. Освен независните медиуми во Белград, другите со денови (дрогата беше најдена на 29 јануари, да се потсетиме) само ја фалеа акцијата на полицијата. И нас не нè одмина таа периферијализација на темата, бидејќи, во македонскиот медиумски простор одеднаш многу важна беше приказната за мозоците на покојници што пред децении заминале од земјава преку Судска медицина. И толку долго се подгреваше таа тема, со неа денот почнуваше и зајдуваше.

Генерално, Вучиќ во оваа афера гради стратегија со две катети – наводно успешна истрага која не мора да продолжи, просто завршена е („нашите деца повеќе не ќе може да бидат труени“) е првата, а втората е дека работа понатаму има само на изворот од каде марихуаната е испратена. Уште да го изјави она историско „Христијане, где си“ од последната ТВ слика на обајцата од Саемот на виното одржан во Белград.

Во меѓувреме во судско-политичкиот амбиент на Србија буквално врие.

И се уфрлуваат многу чадни бомби за да се сокријат многу идентитети, кои веднаш се посочени од опозицијата во оваа земја.

Имено, според врвниот новинар истражувач на неделникот „Радар“ Вук Цвијиќ, самата заплена на марихуаната се одвива во атмосфера на брзопотезна промена на законите со кои на специјалното обвинителство за борба со организираниот криминал му се одземаат ингеренции и се доверуваат на Вишото обвинителство во Белград (тоа се т.н. Мрвиќеви закони).

Ирена Бјелош од Обвинителството за организиран криминал (ТОК), позната по добрите резултати во борба со криминалот дотогаш ги губи ингеренциите, а исто така инспекторите Раша Поповиќ и Никола Ѓоковиќ што работеле со неа, а кои непосредно пред акцијата на полицијата во околината на Крушевац се информирани дека ќе бидат заменети.

Како што дознава „Радар“, нивното разрешување го побарал Марко Кричак, новиот началник на Управата за криминалистичка полиција (УКП), под чија надлежност сега е Службата за сузбивање на дрога. Кричак, заедно со министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ и директорот на полицијата Драган Васиљевиќ, подоцна дошле во куќата на функционерот на СНС, Радета Спасојевиќ, во селото Коњух, каде што била запленета марихуаната, кога претресот веќе започнал.

„Радар“ објави и дека високите функционери дојдени во калливото село за акцијата прв пат слушнале тоа утро, кога полицијата, по наредба на ТОК, веќе почнала да ја спроведува. Сепак, тоа не ги спречило да ја преземат целата заслуга пред камерите. Во измамата на јавноста за тоа кој навистина ја водел акцијата, работата отишла дотаму што режимските медиуми објавиле дека таа е спроведена по наредба на Високото обвинителство во Белград, кое го води Ненад Стефановиќ, познат по исполнувањето на наредбите на властите.

Дрогата намирисана порано

Зошто е ова значајно? Па бидејќи акцијата наредена во селото Коњух е веројатно намирисана многу порано, односно постоеле дојави дека ќе се дојде до значајна испорака со месеци претходно! ТОК (Обвинителство за организиран криминал) вовел посебни мерки кон човекот кај кого е најдена испораката – бил прислушуван сега уапсениот Спасојевиќ, неговиот син и уште еден осомничен.

Во објавените текстови во опозициониот печат се нагласува дека „домаќинот“ на стоката имал ексклузивни врски со Братислав Гашиќ, човек со „челична позиција“ (види погоре). Овој функционер значи бил во конекција во текот на својата кариера со Спасојевиќ (инаку негов земјак) ама тоа не го спречувало министерот да се придружи на медиумското известување за штетата што можела да настане „по младината“ со петте тони дрога што биле пронајдени во просториите на магационерите, инаку сите до еден членови на СНС. Сепак, тој можел да ја понуди само сега веќе добро познатата фраза – „секој што мисли дека може да се скрие зад партиска книшка за да изврши кривични дела, ќе пропадне“. Или да не одиме во повеќе детали (а ги има) – било јасно дека акцијата не може да се спречи, дека некој ја провалил, веројатно, додека стоката патувала кон Крушевац за најодговорните во последен миг да можат да си обезбедат алиби.

Битно е дека главниот осомничен во таа операција, Александар Мијајловиќ е во бегство, значи навреме му е сигнализирано да се тргне од теренот, а според неофицијални информации во Скопје – многу од организаторите во земјава на брзина се обидувале да се повлечат од регистрацијата на фирмата „извозник“ и тоа набрзина, што јасно покажува дека многу лица веќе знаеле многу работи пред фаќањето на дрогата во околината на Крушевац. Ова е битен елемент за да се откријат контурите на случајот.

Уште поважен е фактот, укажан од српскиот министер за полиција, дека во август лани (!) биле запленети два тона дрога, рековме, не спомена марихуана. Со намера. Но оние поопасните дроги не се мерат во тони. Мора да забележиме дека за тоа спречување од полицијата никој не дознал, иако и тоа е импозантна маса?! Значи тогаш сето тоа е премолчено, освен дека бил уапсено лицето со македонско презиме, Урош Младеноски (роден 1997 година) кој кај себе имал 100 килограми марихуана. Овој Македонец се спомена и сега како човек за врска меѓу Крушевац и Белград. Не ќе да е дека дури во јануари „ја ослободиле младината од ова зло“, нели, ама тогаш сè е премолчено, а можеби македонската врска би била прекината и тогаш. Вака актерите во тој бизнис добиле сила да продолжат.

„Модерна“ Македонија

Да се префрлиме сега во Македонија. Дека дрогата доаѓа од нашата земја едноставно е најнапред неизбежна претпоставка. Први тоа го споменаа гостите во една утринска дебатна емисија на белградската телевизија N1, оставајќи можност дека евентуално влезот на тие пет тони марихуана да бил и од косовска страна. Но името на еден од осомничените, Иван Драгниќ, набргу е врзано со една скопска фирма за производство на марихуана во здравствени цели, каде тој е основач и веќе клопчето започнало да се отплеткува и тоа многу бргу.

Она што потписникот на овие редови го збунило се две сознанија. Најпрвин дека фирмата за која се работи во аферата има регистрација на две адреси, кои очевидно доведе до тоа во првите текстови во домашните медиуми да се споменуваат дека „Алфафарм“ се води и во Карпош и во Кисела Вода, зависно како медиумот дошол до тоа име. Сега се наѕира, дека, по сè судејќи, едната регистрација се врзува за мирна улица во Ѓорче, каде има само семејни куќи („Антон Чехов“), додека онаа втората е поврзана за „оперативата“, а таа, веднаш се слушна, се одвивала во просториите на некогашниот гигант „Охис“. Јасно, двете фирми може да имаат за цел и „да се збуни непријателот“.

Втората дилема цело време беше дали зад имињата на основачите кои се сите со српски презимиња не се наши државјани; се покажа дека актерите во аферата се од Крушевац, што секако не е забрането, а и требаше да биде евентуално олеснето низ проектот „Отворен Балкан“. Но, тука е јасно дека постоел некаков извозен план, дека зад таа регистрација имала место можеби и некоја поголема организација. Нешто околу тоа најавува и министерот Дачиќ, иако тоа може да е сторено со цел да се намали уделот на „магационерите“ а со тоа да му олесни на колегата од Владата, Братислав Гашиќ. Демек тие се ситни „риби“ ама не ги знаеме поголемите.

Остана неразјснето името на еден скопјанец, кој како соосновач подоцна се вклучил во оваа фирма, Драган Крстев, а практично никој не се обидува да го идентификува! За апсење да не говориме. Впрочем, кај нас првата недела имаше претреси ама лисиците кај полицајците не работеа, што значи дека на нашите обвинители сликата како комплетна визура не им легнала. Или е нешто друго во прашање?

Кој е „таткото“ на идејата за либерализација на производство на марихуана?

Индикативно е дека по либерализацијата на производството на марихуана (во медицински цели) во земјава нема никаква допирна точка СДСМ, ниту со Заев и Филипче. Таа тема има секако најнапред некакви надворешни импулси и тоа со мигот кога се јави трендот на олеснување на користењето на марихуаната во светот, по што пазарот за оваа билка не би ги имал дотогашните стеги!

Хрониката на интересот кај нас може да се врзе некаде за 2014 година кога Никола Груевски можеби, како пандан на антиквизацијата, сакал да биде малку и „модерен“. Таа се влечела како и многу други работи кај нас, кога има постојана спора инерција ама по многу преправања на Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанци, тој е усвоен во 2016 година. Дали сега е јасно чие е „татковството“ за влезот на оваа, таканаречена лесна дрога во нашиот правен систем!?

Првите дозволи за работа ги додели тогашниот министер за здравство Никола Тодоров (правникот кој им кажуваше на хирурзите како да оперираат) и тоа се случи во оној период кога СДСМ беше оневозможувана да формира влада по изборите од декември 2016 година, односно и самото конституирање на Собранието беше соочено со обид за државен удар (Крвавиот четврток, 27 април 2017). Имено, поделбата на првите лиценци се случи дури и после тој датум.

Па така, Тодоров на 12 мај 2017 година ја додели првата лиценца на Зоран Додевски, извршен продуцент на ТВ Сител, неизбежно сфатено како еден вид на благодарност на партијата ВМРО-ДПМНЕ за сè што оваа ТВ куќа го направи во одржувањето на власта на Груевски. Тој отворил фирма во Свети Николе под име „МАМ“. Во исто време, Тодоров ја промовираше и американската фирма НЈСК за која, како голема предност, истакна дека има одлични работни простории. Погодете кои? Па истиот овој ОХИС кад е сега сместена АЛФА ФАРМ. Американците инаку сега се наоѓаат во местото Чојлија близу до Петровец, ама и до аеродромот. Имаат стабилен приход и поголем број на вработени.

Постојаното тврдење на Мицкоски дека за сè лошо во државата е виновна владата на Заев и на ДУИ, во конкретниот случај со марихуаната ептен е неточно. Просто е злонамерно и лага од прв ред! И актуелниот премиер му го одзема „авторското право“ на својот тогашен претседател Груевски, што не е коректно, во најмала рака.

Улогата на министрите за здравство

Ако го решивме прашањето кој е тој што го туркаше законскиот проект за либерализација на производството на марихуана (значи, ВМРО-ДПМНЕ) да минеме редоследно на тоа кој е одговорен за контролата дали тоа производство се одвива онака како што е во законот пропишано. Имено, во законот стои дека производството на марихуана мора да се одвива во затворен простор или во полуотворен простор од типот на стакленици, да речеме, најчесто под вештачко осветлување. Тоа треба да е усогласено со количеството што фирмата произведувач ја добива со лиценцата и понатаму производот треба да се проследи на овластена фирма која ќе го исфрли на пазарот. За сето тоа одговара Министерството за здравство односно министерот кој раководи.

Во една специјализирана емисија на оваа тема („Код“ на Тв Телма) се рече дека министерот Фатмир Меџити, од Алијанса на Албанците бил тој во чие време е донесено проширување на условите за легално одгледување на марихуана односно се дозволува истото да се одвива и на нива, на отворено. Овој министер беше на таа функција од февруари 2023 година до февруари 2024 година. Лиценцата за производство на дрога на толку споменуваната „Алфа фарм“ ја добила во мај 2024 година што асоцира дека веројатно се чекало на тој настан за да се „засукаат ракавите“. Говориме за фирмата регистрирана во Кисела Вода односно во „ОХИС“. Всушност, јасно е дека оваа фирма имала два поводи за да бара регистрација токму тогаш – има промена на законот и условите за одгледување на марихуаната, но има и промена на власта!

Кај марихуаната, производство на нива е доста спорен. Имено, власта мора да врши контрола на производството најнапред преку надзор на „жетвата“ на посевите. Кога ќе дојде тој период, сопственикот на фирмата-производител повикува комисија која ја одредува инаку Министерството за здравство и истата треба да определи најнапред дали количеството што е на увид е во согласност со лиценцата. Вишокот, ако се утврди, се запленува и се гори, најчесто во печките на Макстил во Железарница, по што жителите од блиската населба обично со денови се чувствуваат благопријатно, та дури и веруваат дека земјава е на 4-то место во Европа по успехот во економијата!

Истото се прави и со посеаните култури што се под вештачка светлина, во хали или под пластеници, ако ја надминуваат квотата од лиценцата, но се верува дека манипулациите се таму потешко изводливи.

Ова е значајно и при последните претреси во производствените погони на три фирми, колку што можеше да се сфати – една во Скопје и две во близина на Ново Село, струмичко. Она што од правен аспект ќе биде спорно на суд е секако фактот дека количествата се фатени внатре, во погоните на фирмите и што – би се рекло – одокативно се определува според начинот на пакувањето дали нешто е наменето на фармацевтската индустрија. Постоењето намера (за шверц) е хипотетички, мисловен процес, а судски релевантно е ако до таа намера дојде низ реален процес (циркулирање на стоката вон фирмата).

Јасно е барем засега дека обвинителството никого не уапси, како што е јасно дека Мицкоски никако да ги спомене граничната полиција и царината во кругот на осомничените.

Впрочем, двајцата клучни луѓе во Царината се во највисокиот ешалон на ВМРО-ДПМНЕ, кумановецот Бобан Николовски (кој 15 години е во врвот на царинската управа) кој и при последниот реизбор во Палатата Татарчев доби висока позиција, член на ИК. Како би изгледало сега некој свежо потврден во врвот на партијата ако би дошол под лупа? Плус, таму за советник му е поставен Јохан Тарчуловски, казнет од Хашкиот трибунал за воени злосторства, што ја обојува оваа јавна функција во многу непријатен, да не речеме и сугестивен колорит. Вперениот прст кон оваа установа затоа засега за владиниот кабинет е невидлив. Искрено нема никакви сознанија дека и во српската царина и тамошната гранична полиција нешто се случува – апсења, смени, давање на изјави, на пример. Многумина си мислат дека целиот процес на минувањето на две граници од товарот со 5 тони дрога е можно олеснет со намигнување на ДЕА, да се види крајната цел, но тогаш тоа се соопштува. Но, не може да се лаже, бидејќи ДЕА не би го дозволила тоа.

Во меѓувреме, активните истражувачи нашле дека и бегалецот во Србија, Мијајловиќ во земјава имал и друга фирма за преработка на марихуана, Гринлахф од Јосифово, таму долу на југот, а истата компанија не чувме дека е претресена! Погоре споменатиот Драган Крстев, како соосновач на „Алфа фарм“ излезе во меѓувреме дека бил поврзан и со оваа фирма на Мијајловиќ, што укажува на добро подготвен тим кој знаел во Централен регистер да прави хокеарски измени. Ова јасно кажува дека се селектирани фирмите за претрес, не по логиката на сопственоста туку, се чини и по извесна друга, можеби и географска (политичка) насока?

На прес конференција актуелниот министер за здравство Азир Алиу објави дека во земјава се издадени 60 лиценци за производство на оваа дрога, а 18 се одземени. Резултатот кај квантитетот секако е сè уште голем и покрај одземените лиценци. Иако, рака на срце, фармацевтската индустрија треба да каже дали постои граница на нивната моќ за преземање на производство на сè уште легалните фирми од тој домен? Постои ли консултација при давањето на толкав број дозволи со таа индустрија, ако сакаме легално производство, вклучувајќи и извоз? Јасно е дека не постои.

Понатаму, Министерството за здравство е едно од оние (заедно со Министерството за култура) каде што промените се толку чести што првиот човек таму нема никаква комфорност за да ги преземе сите узди во свои раце. Тука спаѓа и контролата на оваа гранка која по закон е исклучиво негова. Алиу вели дека тие се одговорни само за производството, а не за прометот. И тој е во право ама вишокот се „треби“ за да не дојде до шверц и криминал во доменот на ова Министерство. Секој одговара за својот дел на доделените задачи, а секако дека од истрагата не смеат да се исклучи и граничната полиција и царината бидејќи се што се случува надвор од производствените погони, нагласи Алиу веќе не е негова надлежност.

Треба да биде јасно – има основ за барање одговорност и кај производството и кај прометот кај нас, особено по сознанието дека во Србија е фатен контингент со два тони дрога во август минатата година. Тоа е веќе една ситуација каде се доградува сликата за картелска интернационална организација каде една земја (нашата) одговара за квалитетот на забранетиот производ, ама другата ја завршува работата со потрошувачката. Одговорноста може да се дегажира од еден во другиот шеснаесетник на соседите ама во очите и на светската заедница вината е јасно насочена и кон обете страни. Тоа претпоставува дека не смее да постои истрага која ќе биде пристрасна и која има за цел да заштити било кого од „нашите“ луѓе по институциите.

Текстот е сопственост на ЦивилМедиа.мк

 

Љубомир Костовски марихуана
Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

Автобус тргна назад и прегази патници во Бугарија – двајца загинати и 16 повредени

April 22, 2026

Премиерот Голоб најавува опозоција –  дали на власт се враќа Јанша

April 20, 2026

Осум деца убиени во пукање во Луизијана, САД – напаѓачот убиен

April 19, 2026

Кијив: Полицајци избегале за време на нападот – сите се суспендирани

April 19, 2026

Пукање во Кијив – има загинати и повредени

April 18, 2026
ФОКУС
April 23, 2026Updated:April 23, 2026

Работниците во културата на 28-ми април пак ќе протестираат со прака: „Договорите не се поништуваат, уметниците не се понижуваат“

ВЕСТИ April 23, 2026

Под мотото „Договорите не се поништуваат. Уметниците не се понижуваат“, Синдикатот на култура иницира нов…

Дволичност околу двојните државјанства на пратениците – два важни закона истуркани во еден ден по скратена постапка

April 22, 2026

Трамп: Без договор со Иран, продолжуваме со нападите- нема пролонгирање на прекинот на огнот

April 21, 2026

Избори во Бугарија: гласачите го лизнаа Бојко Борисов – генерален победник е Румен Радев

April 20, 2026
ТИКЕР

Автобус тргна назад и прегази патници во Бугарија – двајца загинати и 16 повредени

April 22, 2026

Премиерот Голоб најавува опозоција –  дали на власт се враќа Јанша

April 20, 2026

Осум деца убиени во пукање во Луизијана, САД – напаѓачот убиен

April 19, 2026

Кијив: Полицајци избегале за време на нападот – сите се суспендирани

April 19, 2026

Пукање во Кијив – има загинати и повредени

April 18, 2026
CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2026 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.