Шпанската Народна партија денес избра нов претседател. Неговото име е Пабло Касадо, 37 години а неговиот политички профил ветува уште поголемо свртување на партијата кон конзервативизмот.
– Народната партија се врати и ние сме подготвени да ја водиме држава повторно, изјави тој под аплаузите на партиските членови на конгресот на партијата што се одржа денес во Мадрид.
Касадо освои 1701 глас а неговата противничка Сораја Саенз де Сантамариа, која му беше десна рака на досегашниот премиер Рахој, 1250 гласа.
Мариано Рахој беше на чело на партијата од 2004 година и премиер од 2011 година. Но партијата беше осудена за корупција во долг судски процес во кој беа осудени повеќе десетици поранешни членови на партијата.
Корупцискиот скандал му овозможи на шефот на Социјалистичката партија Педро Санчез да го “турне” Рахој од власта и да застане на чело на извршната власт, со поддршка на радикалната левица од Подемос и партиите на Каталонците и Баските.
Касадо денес вети дека во неговата партија нема да има место за корумпирани.
Новиот претседател е правник. За време на кампањата Касадо покажа дека партијата, под негово водство, ќе се сврти уште подесно од досега. Тој го обвинуваше премиерот Санчез зз “демагогија” поради приемот на мигрантите од бродот “Аквариус”, крена глас против еутаназијата, се заложи за ниски даноци на платите и фирмите и вети дека нема да има попуштање во барањата за независност на Каталонија.
Народната партија загуби 3 милиони гласачи помеѓу 2011 година и 2016 година поради корупциските скандали. Гласачите на оваа партија нивните гласови ги даваат на Суидаданос, либералната партија која ќе големиот противник на Касадо.
Следните избори во Шпанија, локални, регионални и европски, се закажани за мај 2019 година.




