Британската фунта денеска падна под 1,20 за долар, што е најниско ниво од јануари 2017 година, а тоа се должи на политичките превирања во Велика Британија со приближувањето на датумот за Брегзит, но и поради можноста од предвремените избори.
Околу 9,00 часот по средноевропско време британската фунта изнесуваше 1,198 за долар и 0,9133 за евро.
Во меѓувреме, британските опозициски партии и конзервативците кои не се согласуваат со политиката на премиерот Борис Џонсон поднесоа барање за вонредна дебата во парламентот за излегувањето на Велика Британија од ЕУ.
Одлуката за нивното барање ќе биде донесена во текот на денот и доколку биде одобрено, дебатата ќе се одржи уште денеска.
Пратениците кои се спротиставуваат на плановите на британскиот премиер за Брегзит сакаат да усвојат закон кој ќе го принуди да побара одложување на излегувањето од ЕУ до 31 јануари 2020 година. Со нацрт-законот од Џонсон ќе се инсистира да побара од ЕУ одложување на Брегзит доколку до 19 октомври не успее да постигне нов договор со Унијата или да добие дозвола од Парламентот земјата да ја напушти ЕУ без договор, односно без уредени идни односи.




