Палестинската ослободителна организација (ПЛО) го отфрли барањето на американскиот претседател Доналд Трамп за враќање на Палестинците на мировните преговори со Израел, под покровителство на САД.
Портпаролот на палестинскиот лидер Махмуд Абас, Набил абу Рудејна изјави дека Палестинците нема да се вратат на мировните преговори, се додека САД не ја променат својат одлука за призмавање на Ерусалим за главен град на Израел.
– Американската Администрација продолжува самата да се исклучува од преговарачката маса, се додека не ја преразгледа одлуката за признавање на Ерусалим за главен град на Израел, нагласи Рудејна, додавајќи дека Палестинците се подготвени да се вратат на мировниот процес, кој се базира на идејата за создавање на „палестинска држава со главен град Источен Ерусалим“.
Претставникот на ПЛО, Ханан Ашрави, пак, коментирајќи ја изјавата на Трамп дека палестинското одбивање да се сретнат со американскиот потпретседател Мајк Пенс претставува „непочитување на САД“, изјави дека „одбивањето да се сретнеш со некого не е недостиг на почитување, туку манифестација на самопочитување“.
Трамп денеска во Давос порача дека Палестинците мора да се вратат на мировните преговори со Израел ако сакаат да добијат американска финансиска помош.
– Американската помош за Палестинците е на маса, но нема да ја добијат доколку не седнат да разговараат за мир, посочи Трамп во Давос.
Одлуката на Трамп да го признае Ерусалим за главен град на Израел ги разгневи Палестинците, кои потоа ги прекинаа преговорите со Израел, во кои учествуваат и САД.
Трамп во Давос се сретна и со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кој ја поздрави минатогодишната одлука на американскиот претседател за Ерусалим и за дислоцирање на Амбасадата на САД од Тел Авив во Ерусалим.
Нетанјаху во обраќање на Светскиот економски форум во Давос порача дека никој не може да ги замени САД како посредник во израелско-палестинскиот мировен процес.
– Американското посредништво нема алтернатива. Не постои ниту еден друг меѓународен орган кој може да посредува (како САД) како чесен посредник и како медијатор, изјави Нетанјаху.




