Високата комесарка на Обединети нации за човекови права Мишел Башеле денеска побара суданските власти да ги ослободат сите лица кои се притворени поради учество во мирните протести и да спроведат истрага за употреба на сила против демонстрантите од декември минатата година.
– Ова е многу критичен, нестабилен момент за Судан и постои длабока несигурност и непријатност за иднината, посочи Башеле.
Таа нагласи дека властите мора да се воздржат од употребата на сила против тие кои мирно протестираат.
Откако суданскиот претседател Омар ал Башир вчера беше соборен од власт по 30 години и уапсен за време на воениот удар, со земјата ќе раководи Привремен воен совет. Суданскиот министер за одбрана Ахмед Авад Ибн Ауф е назначен за шеф на Преодниот воен совет.
– Суданската армија го смени и го уапси долгогодишниот автократски претседател Омар ал Башир и ја презеде контролата врз земјата за следните две години, посочи Ауф.
Тој најави дека за две години во Судан ќе бидат одржани „слободни и фер избори“.
Суданскиот Преоден воен совет најави дека нема да го испорача сменетиот претседател Омар ал Башир, кој се соочува со обвиненија за геноцид пред Меѓународниот суд за воени злосторства во Хаг, туку ќе му се суди во Судан.
Меѓународниот суд издаде потерница по Башир поради наводни воени злосторства.
Протестите во Судан почнаа во декември поради лошата економска состојба во земјата, но набрзо се претворија во израз на општо незадоволство од владеењето на Ал Башар. Бројот на учесниците на протетсите се зголеми минатата недела, по оставката на претседателот на Алжир, Абделазиз Бутефлика.
На зголемениот интензитет на протести, суданската Влада одговори со репресија. Безбедносните сили од саботата, во повеќе наврати се обидоа да ги разбијат протестите, а во насилствата загинаа најмалку 22 лица.
Советот за безбедност на Обединети нации денеска ќе одржи вонредна седница за состојбата во Судан, соопшти портпаролот на Мисијата на Русија при ОН, Фјодор Сржижовски.
На барање на САД и ЕУ седницата на Советот за безбедност на ОН за Судан ќе се одржи зад затворени врати.
Папата им ги бакна нозете на суданските лидери
Целиот свет се мобилизира во повиците за ставање крај на насилствата во Судан. Кон овој повик се приклучи и Папата Франциск кој направи исклучителен гест, со тоа што клекна и им ги бакна нозете на водачите на Јужен Судан кои беа во неговата резиденција во Ватикан, кои претходно меѓусебе војувале и ги повика да не и се вратат на граѓанската војна.
Папата му кажал на претседателот Салви Киру, неговиот поранешен заменик и водач на бунтовниците Рук Машару и на тројцата потпретседатели да го почитуваат примирјето кое го потпишале и да се посветат на формирање влада на национално единство.
– Ве молам како брат, да останете во мир. Ве молам со сето срце, да тргнеме напред. Ќе има многу проблеми, но тие нема да не обесхрабрат. Решете ги своите проблеми, рекол Папата.
Лидерите биле шокирани од гестот на 82-годишниот Папа, кој со помош на помошниците, клекна и им ги бакна чевлите на двајцата завојувани водачи и на неколку други луѓе во просторијата.
Ватикан ги собра јужносуданските водачи на целодневна молитва и проповеди во резиденцијата на Папата, во обид да ги намалат поделбите на спротивставените страни, еден месец пред формирањето на владата на националното единство во од војната уништената држава.




