Францускиот претседател Емануел Макрон и британската премиерка Тереза Меј потпишаa вчера договор за зајакнување на заштитата на заедничката граница и похуман однос кон мигрантите.
Договорот е потпишана во британскиот град Сандхарст, а по чинот на потпишувањето Макрон изјави:
– Прашањето за границата е заеднички предизвик и заедно ќе успееме да го решиме – нагласи Макрон.
Двајцата лидери потврдија дека Велика Британија се согласила да плати 50 милиони евра за зајакнување на безбедноста долж морската граница меѓу двете земји, која минува низ каналот Ламанш.
Франција, исто така, бара Обединетото кралство да прифати повеќе мигранти од Кале, посебно деца без придружба, но во врска со тоа прашање не се соопштени детали на заедничката прес-конференција.
На средбата се зборуваше и за Брегизотот. Британската премиерка изрази увереност дека Лондон ќе продолжи да биде светски финансиски центар и по Брегзит.
– Тоа не е од корист само за Велика Британија, туку и за Европа и за глобалниот финансиски систем – нагласи Меј.
Макрон го предупреди Обединетото кралство дека идниот договор за трговски односи со ЕУ по Брегзит нема да значи „целосен пристап“ до заедничкиот пазар на Унијата и финансиските услуги.
– Ако Велика Британија сака целосен пристап до заедничкиот пазар тогаш треба да придонесува во буџетот и да ја признае европската јурисдикција. Такви се правилата – нагласи францускиот претседател.
Меј рече дека Британија нема да биде полноправен член на заедничкиот пазар на ЕУ откако ќе излезе од Унијата, но сака да склучи „сеопфатен“ договор за слободна трговија.




