На Франција можеби ќе и биде потребна стручна помош од Русија во обнова на катедралата Нотр Дам, што изгоре во април, изјави француската амбасадорка во Москва, Силви Берман.
„Пред се, сакам да се заблагодарам на Русија што изрази загриженост за овој трагичен пожар. Формиравме агенција во Париз што работи на реставрацијата на катедралата Нотр Дам и таа ќе контактира со Москва. Тие ќе утврдат каква стручна помош е потребна. Подготвени сме да повикаме експерти во Париз“, рече Берман.
Познатата катедрала од средниот век Нотр Дам беше значително оштетена во големиот пожар на 15 април оваа година. Уништена е централната кула и голем дел од кровот, додека остатокот од објектот, главните уметнички дела и реликвиите беа сочувани. Причините за катастрофата сè уште не се познати.




