Владејачката Партија на правдата и развојот на претседателот Реџеп Таип Ердоган го загуби апсолутното мнозинство и нема да може сама да формира влада. Партијата доби над 40 насто.
Партијата на правдата и развојот која е на власт од 2002 година ќе има 258 од 550 места во парламентот. За апсолутно мнозинство се неопходни 274 пратеници. Ова е своевиден пораз за претседателот Ердоган.
Партијата ги губи шансите да направи уставни промени за воведување на претседателски систем на управување, што беше заложба и желба на Ердоган.
Како најголем победник на вчерашните парламентарни избори е прокурдската Демократска партија на народите (ДПН), која успеа да го прескокне прагот од 10 проценти за влез во парламентот и да си обезбеди повеќе од очекуваното пратеници, околу 80 според пресметките врз основа на конечни резултати.
Формирањето на коалициска влада на оваа фаза изгледа премногу комплицирано.
Ердоган активно во политиката се вклучува во 1994 кога е избран за градоначалник на Истанбул. Подоцна, тој е осуден на казна затвор поради потикнување на верска омраза, по што ја основа Партијата за правда и развој, која по само една година од своето основање, во 2002 година забележува победа на парламентарните избори. Ердоган станува премиер, една година подоцна.
Како премиер, Ердоган спроведе бројни реформи и ја издигна турската економија- доходот по жител на Турција значително порасна, но економските успеси не беа доволни да ја задржат неговата слава.
Многуте корупциски афери, авторитарниот стил на владеење, нарушувањето на секуларниот карактер на државата.го доведоа Ердоган во ситуација оваа година да се соочи со губење на моќта.




