Нова победа на партијата на германската канцеларка Ангела Меркел на локалните избори во германската покраина Сар и пораз за социјалистот Мартин Шулц. Победа која е ветер во крилјата на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и ветува четврти премиерски мандат за Меркел на парламентарните избори во септември.
Очекувањата дека социјалистите на Шулц ќе однесат победа, засилени од неговото враќање на домашната политичка сцена по неговиот мандат како претседател на Европскиот парламент, не се остварија.
Според првите официјални резултати, ЦДУ убедливо ја зачува власта во Сар со добиени 40,7 проценти гласови, што значи 24 мандати во покраинскиот парламент од 51 место. Со тоа пропаѓаат плановите за формирање на првата црвено-црвена коалиција во историјата на западна Германија, иако анкетите пред изборите навестуваа ваква можност. Социјалдемократите со освоени 29,6 проценти гласови стигнаа само до 17 мандати, а Левицата со 12,9 % до 7 мандати.
Во парламентот ќе влезе уште само Алтернатива за Германија со 6,2%, што донесува 3 мандати. Зелените изненадувачки останаа под цензусот, освојувајќи 4%, Либералите со 3,3% исто така. Пиратската партија, која на минатите избори имаше 7,4 % гласови, сега спадна на само 0,7%.




