Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски се сретна со добитничката на трета награда на Меѓународниот литературен натпревар за млади 2021 во Токио,  Лара Станчева. 

Претседателот Стево Пендаровски денеска ја прими Лара Станчева, ученичка во седмо одделение во ООУ „Лазо Трповски“ – Скопје, добитничка на трета награда на Меѓународниот литературен натпревар за млади 2021 во Токио, Јапонија.

На реномираниот натпревар во организација на УНЕСКО и фондацијата ГОИ од Токио, Јапонија, што се одржа во рамките на одбележувањето на „Деценијата на Обединетите Нации за одржлив развој на образованието“, Станчева наградата ја освои во конкуренција на 28.217 учесници од 161 држава.

Претседателот Пендаровски упати честитки за постигнатиот успех на Станчева, оценувајќи дека добиената награда е гордост за целата држава, имајќи ја предвид силната конкуренција и големиот број на учесници на натпреварот од целиот свет.

Со прозни лични творби напишани во форма на есеи на тема „Смислата на животот“ училиштето на овој реномиран меѓународен натпревар, покрај Станчева, го претставуваа уште две ученички, Милена Милошевска и Тамара Ѓоќеска, под менторство на предметниот наставник по германски јазик, Стефан Симовски.

Нашата држава учествува на натпреварот континуирано од 2011 година.