Америка ќе биде строга кон Русија но исто така ќе бара погодни начини за соработка, им соопшти денеска на светските лидери новиот потпретседател на САД, Мајк Пенс.
На истата конференција на која Пенс го изјави ова, рускиот шеф на дипломатијата, Сергеј Лавров порача дека доминацијата на САД завршува.
Овие пораки Пенс и Лавров ги разменија на самит за безбедносот во Германија, каде лидерите дискутираа за тоа како новата администрација на САД под Доналд Трамп ќе реагира на политиките на Русија која го занемарува меѓународното право.
– Запамтете, САД ќе бара одговори од Русија иако со нив бараме заедничка основа бидејќи како што знаете претседателот Трамп верува дека можеме да соработуваме, изјави Пенс во Минхен.
Ваквиот говор на Пенс доаѓа по цврстите изјави на неговиот претседател Доналд Трамп, кој за време на својата кампања постојано ја потценуваше улогата на НАТО. Тој истовремено порача дека со рускиот претседател Владимир Путин ќе најдат начин како заедно да му се спротистават на ИСИС.
Сергеј Лавров пак, во својот говор пред колегите, потенцираше дека САД не може да биде единствената голема сила.
– САД не може да биде единствената моќ. Мораме да воспоставиме конструктивен однос САД-Русија за политичка и економска соработка. Не сакаме Русија да биде помалку важна. За глобалните работи сакаме почитта да биде индентична, изјави Лавров.
„Неизмерно ќе го поддржуваме НАТО“
Дали Доналд Трамп се премисли во меѓувреме за улогата на НАТО? Пенс, во името на Трамп, на светските лидери им порача дека ќе ја добијат поддршката.
– Денес, во име на претседателот Трамп сакам да ве осигурам дека САД цврсто ќе го поддржува НАТО и ќе ги исполнува своите обврски од трансатлантската алијанса.
Доналд Трамп рече дека на следниот НАТО собир во мај и на состанокот на Г7 ќе биде лично присутен.




