Александар Петковски: Деновиве на интернет читам многу недолични и навредливи коментари, искрено тоа ме вознемирува. Интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ е нешто кое едвај чекам да се случи и така чекајќи веќе наполнив 51 година. Влезот во ЕУ за мене значи, посилна правна држава, подобра економија, повеќе слобода, подобар живот.
Арно ама деновиве за жал гледам дека патот накај ЕУ полека се претвора во тешко остварлива мисија, а моето чувство на оптимизам полека се претвора во чувство на несигурност и неизвесност.
Битно е да се знае дека јас пишувам од позиција на обичен граѓанин. Не сум политичар, не сум историчар. Работам како професор и најголем дел од енергијата ја трошам на работи поврзани со факултетот и семејството, како и повеќето од вас.
Бидејќи пишувам како обичен граѓанин, кој еве во сабота попладне наместо да оди да пазарува седнал да пишува, ќе му пишам писмо на мојот (измислен) колега професор Александар Петков од Софија. Писмото оди вака …
Ацка, абе многу лоши работи читам по интернетов, навреди, пцости, очи ќе си извадиме! Знаеш дека мене историјава не ми е омилена работа. Обично појакиот ја пишува, затоа Французите, Англичаните и Американците се секогаш „добрите“, а не биле баш секогаш добрите, бајаги глупости и неправди имаат направено, ама така им одговара и сите си се правиме на удрени и си врви светот.
И ова брат со Бугарија – Македонија се претера. Политичариве не можат да ја опраат работава, не знаат брат! Тие гледаат рејтинг. Ако им личи дека кога се пцуе народ ќе им скока рејтингот нив ич не им е гајле. А овие па од историска комисија уште помалку ќе се договорат за нешто. Тоа ти е како да седнеш 5-6 архитекти и да отворите муабет кој од нив е најдобар архитект, знаеш кога ќе се договорат? Никогаш!
И сега чаре! Бугарија е посилна, поголема, ЕУ членка, значи како ќе каже Бугарија, така ќе биде? И сега испаѓа дека јас сум бил многу глуп и неосвестен и дека Србите ме направиле Македонец и дека ќе јадам вето се додека еден ден не останам без леб и додека не ми текне дека всушност сум бил Бугарин. Тоа ли е патот кон светла европска иднина?
Извини вака што ти пишувам тебе, нормално ти си другарче и фин човек, ама нервира ова. Ја мислев Бугарија ќе се радува да не види во ЕУ, ама изгледа дека сака да не види само со Бугарски пасош. Ти знаеш дека ја имам диплома од „Училиштето за политика“ на Дими Паница и знаеш дека си ја сакам Бугарија, ама брат овие муабетиве дека мрзиме и тепаме Бугари едноставно се претераа. Дојди да ги видиш Бугарите по кафани во Струмица, Паланка, Скопје, Охрид сите се „утепани“ од јадење и пиење. Нормално евтино ви е, ЕУ сте, фраери сте.
Дај да собереме некоја слободоумна група луѓе да седнеме дур се плукаат ова политичариве по телевизии да договориме тоа учебниците по историја и да врвиме напред. Оти ова вака ако продолжи уште многу време ќе помине и не знам дали ќе дочекаме промена на подобро.
Пиши како ти личи идејава.
ПС Јако ова што ги искршивте на евровизија.
Извор: Фејсбук



