До крајот на месецов САД треба и официјално да објават дека ги укинуваат визите за хрватските граѓани. Ова денеска го објави Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој истакна дека насоки за тоа добил летово, јавува „Индекс.хр“ .
-Работиме на тоа долго време. Мислам дека конечно таа пречка, која ги забавува трговските и инвестициските текови со САД, ќе биде зад нас, рече Пленковиќ.
Хрватска на укинување на визите работи од 2007 година, што значи 14 години.
На почетокот на август американскиот државен секретар Ентони Блинкен предложи укинување на визите за хрватските граѓани.
-Денеска предложив Хрватска да се приклучи кон Програмата за ослободување од визи. Овој чекор кон безвизен режим е знак за огромниот напредок на Хрватска во исполнувањето на строгите стандарди за земјите учеснички. Се надеваме на уште посилен однос меѓу САД и Хрватска, напиша Блинкен.
Ако Хрватска се ослободува од визите, активностите за тоа Македонија ги почна викендов, со објава на министерот за надворешни Османи дека ја формирал работната група која ќе работи на оваа програма.
Ако се водиме од истата динамика тогаш македонските граѓани без визи за САД , ќе можат да се надеваат околу 2035 година.