Британската полиција синоќа била повикана во домот на кандидатот за нов премиер на Велика Британија, Борис Џонсон.
Полицијата ја повикал сосед на Џонсон кој слушнал викотници и навреди од неговиот дом.
Преку соопштение полицијата објави : “Во 00:24 во петокот 21 јуни, полицијата одговори на повик од локален жител во областа Камбервел.
Повикувачот беше загрижен за здравјето на жената во соседната куќа.
Полицијата разговараше со сите станари на посочената адреса, кои рекоа дека се безбедни. Немаше прекршок или некои проблеми и немаше причина за полициска акција”.
Џонсон живее со партнерката Кери Симондс. Весникот Гардијан објави дека соседот слушнал врискање и како жена извикува „Тргни се од мене“ и „Напушти ја куќата веднаш“.
Соседот за Гардијан рекол: “Слушнав како се крши нешто, мислам дека беше чинија. Потоа се слушнаа гласни врисоци и мислам дека тоа беше Кери која викаше „ Излези од мојот стан“, а тој велеше не. Следуваше молк, па силен тресок.“.
Џонсон ја напушти својата сопруга, Марина Вилер, минатата година и започна врска со Симондс, која беше дел од неговиот тим кога тој ја започна својата кампања за лидерската позиција на Ториевците.
Џонсон се смета за фаворит за лидер на конзервативците и за премиер, по оставката на Тереза Меј.




