Во сојузната американска држава Мериленд, гувернерот Лари Хоган прогласи вонредна состојба по насилните и вандалски немири низ улиците на Балтимор.
Насилството избувна неколку часа по погребот на младиот Афроамериканец Фреди Греј (25) кој на 19.април почина од внатрешни повреди на телот по судир со полицијата.
Како што известуваат американските медиуми, повредени се седуммина полицајци при последните безредија, а нападнати се и уништени полициски возила и локални продавници.
Балтимор личи на град каде што штотуку завршила војна.
Полицијата се обидува да ја растера насилничката толпа од стотина лица, употребувајќи солзавец и „топки“ наполнети со лут гас.
Градоначалникот на Балтимор повика на смирување на ситуацијата.
Во саботата над илјада жители на Балтимор, предводени од локалниот пастор Џамал Брајант, се собраа пред зградата каде се наоѓа Градскиот совет за да протестираат против „бруталноста на полицијата“.




