Згаснува РТ Америка, соопшти „Т&Р Продакшн“, продукциската компанија што стои зад руската државна мрежа. Генералниот директор на Т&Р Продакшн, Миша Солодовников на вработените им напишал дека компанијата ќе „престане да работи“ на сите локации, „поради непредвидените настани“.

За жал, претпоставуваме дека станува збор за траен прекин на работниот однос, додал Солодовников.

„Т&Р Продакшн“ имаше канцеларии во Њујорк, во Мајами, во Лос Анџелес и во Вашингтон. Затворањето на „Т&Р Продакшн“ значи крај и на американската филијала на РТ, јави „Си-Ен-Ен“.

Давателот на сателитски услуги „ДирекТВ“, еден од двата што ја пренесуваа РТ Америка, ја прекина соработката на почетокот на неделата. Тоа за мрежата беше голем финансиски удар.

Компанијата „Року“, што продава хардвер за корисниците да можат да ги пратат содржините преку интернет, исто така соопшти дека ја отстранила РТ Америка од својата платформа.

Изминативе денови, „Раша тудеј“, што управува со повеќе мрежи ширум светот, значајно го намали својот опсег на емитување. Ова се должи на тоа што технолошки компании и телевизиски мрежи во светот, ја прекинаа соработката со неа, поради инвазијата врз Украина.