Премиерот Заев им додели плакета со изрази на благодарност на д-р Никола Стојановски, претседателот на Главниот одбор на Сојузот на Борците од Народно-ослободителната војна на Македонија 1941-1945, и на Борко Зафировски, потпретседател на Главниот одбор на Сојузот на Борците, на која е запишано дека „во имe нa граѓаните и во име на Владата на Република Северна Македонија, им благодариме на борците од НОВ за нивниот историски придонес во создавањето на државата, вековниот сон за многу генерации, и им се поклонуваме за историската одлука во 1941 година да бидат дел од големата светска антифашистичка коалиција и со тоа да ја стават нашата држава во редот на прогресивните демократии во светот“.

Во продолжение на свечената празнична програма на плоштадот „Методија Андонов Ченто“ во Прилеп говореше и претседателот на Главниот одбор на Сојузот на Борците од Народно-ослободителната војна на Македонија 1941-1945 д-р Никола Стојановски кој истакна дека антифашистичката и народноослободителна борба на македонскиот народ (1941-1944) година претставува континуитет во борбата за слобода на македонскиот народ и продолжување на историскиот процес за признавање на националната самобитност на Македонците и правото на самостојност.

„Поттикнати од своите идеали и државотворни стремежи, Македонците ги обединија силите и застанаа на страната на антифашистичката коалиција и зедоа активно учество во борба против фашизмот и окупаторите. Од овде од Прилеп ние борците ви упатуваме аманет да го чувате ова парче земја, да ги користиме сите дипломатски механизми за напредна држава.  Заложбите за напредок ги поддржуваме и сите храбри чекори ги поздравуваме. Борците, нивните продолжувачи, сојузот на борците, треба и мора да се подржи од сите општествени субјекти во државата како важен субјект и столб на нашата државност“, повика претседателот на Главниот одбор на Сојузот на Борците од Народно-ослободителната војна на Македонија 1941-1945 д-р Никола Стојановски.

Градоначалникот на Општина Прилеп Илија Јованоски посочи дека во Втората светска војна, Прилеп и прилепско дале 8.000 учесници, од кои 2.700 активни борци со оружје во рака. Прилеп дал 650 жртви, 15 народни херои и 154 носители на признанието „Партизанска споменица 1941“, а како резултат на придонесот на граѓаните на бунтовниот и слободарски Прилеп градот е одликуван со орден „Народен херој“.
„Секогаш кога бил на крстопат, нашиот народ покажал дека знае да ја одбере вистинската страна – страната на прогресивните сили. Така било и во далечната 1941, така е и денес, осум децении подоцна. Огромното мнозинство од македонските граѓани повторно е на страната на прогресот, кој денес се вика членство во НАТО алијансата и Европската Унија. Длабоко верувам дека патот кој го чекориме е вистинскиот пат“, нагласи градоначалникот Јованоски.

Празничната програма потоа продолжи со настапот на воениот оркестар на Армијата на Република Северна Македонија, кој изведе сплет од партизански песни кои потсетија колку длабоко се вградени придобивките од слободарската и државотворна антифашистичка војна и во наша културна традиција.

Свечената државна програмата по повод 11 Октомври – Денот на народното востание и 80-те години од Народното востание, денеска заврши со традиционалниот импровизиран напад на градот, кој како своевидна реминисценција ги реконструира настаните од пред 8 децении кога во Прилеп се распламти искрата која го означи одлучниот почеток на борбите против фашизмот и окупаторските војски и завршните процеси на создавањето на нашата држава.