Пред седум години го напушти Рим како фудбалер на Лацио, сега се враќа во Вечниот град како фудбалер на Рома. Српскиот фудбалски репрезентативец Александар Коларов во наредните три сезони ќе настапува во дресот на „волчицата“, откако нејзината управа и Манчестер сити постигнаа договор за трансфер на офанзивниот лев бек, пренесува „Скај Италија“.
Рома се обврза да плати, речиси, пет милиони евра за обесштетување со можност за дополнителни бонуси во висина од 1,5 милион евра. Коларов, пак, го прифати враќањето во Серија А за двојно помала плата од што ја имаше на „Етихад“, но веројатно и за поголема минутажа. Неговата соработка со Сити требаше да заврши наредното лето.
Од Англија се враќа во Италија како играч со две премиерлигашки круни, две титули во Лига купот и по една во ФА куот и Комјунити шилд натпреварот. За „граѓаните“ одигра 243 меча и постигна 21 гол, за националниот тим на Србија има осум во 68 натпревари.