Полицијата по наредба на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција влегле  веледрогеријата„Др.Пановски“ со налог за пронаоѓање и одземање на документација, како и во пет други веледрогерии поврзани со предмет отворен за паралелниот увоз на лекови. Информацијата ја потврдија од МВР.

„Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал постапува по Наредба издадена од страна на надлежен Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во врска со увоз на лекови. Се вршат проверки во неколку веледрогерии“, велат од МВР.

Од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција велат дека предметот бил отворен по допрен глас во Основното јавно обвинителство – Скопје, а подоцна во текот на предистражната постапка предметот е предаден на надлежно постапување во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

„По предметот се преземаат предистражни дејствија подолг временски период. Денешните активности на Министерството за внатрешни работи се резултат на претходно издадени наредби од страна на предметниот обвинител​ кои заради актуелната состојба со пандемијата не биле до сега реализирани. Во случајов не станува збор за претреси, туку  за вршење на проверки и прибирање на документација која ќе помогне при утврдување на фактите и расветлување на случајот“, велат во Обвинителството.

Случајот „Паралелен увоз со лекови“ го обелодени НОВА во септември 2017 кога објавивме дека постои  сомнеж дека 40 проценти од лековите кои влегуваат во државата со паралелен увоз се фалсификат, а по два месеца Основно јавно обвинителство потврдија дека започнале да ги испитуваат случајот за паралелниот  увоз на лекови по допрен глас и се преземаат дејства за предистражна постапка.

Фалсификуван лек

Една година подоцна беа донесени и измените за Законот за лекови во делот на паралелниот увоз, на лекови.

Серијалот истражувачки стории кои беа објавени на НОВА, од новинарката Менче Атанасова Точи истата година ја освои првата награда за истражувачко новинарство „Никола Младенов“ на МИМ. Истражувањето обелодени голема афера за паралелниот увоз на лекови преку кој од 2013 година наваму влегувале сомнителни и фалсификувани лекови во државата.

Истражувањето покажа сериозни злоупотреби од страна на институциите, манипулирање на граѓаните, богатење на одредени фармацевтски моќници, како и носење закони по терк на претходната власт, со образложение дека паралелниот увоз овозможува намалување на цената на лековите.