По синоќешните судири меѓу полицијата и демонстрантите на протестите во Солун и Атина, за денеска, во 20 часот по локално време, во Солун е закажан нов протест против Договорот од Преспа, организиран преку социјалните мрежи.
За време на вчерашниот протест пред грчкиот Парламент во Атина се случија инциденти, откако поголема група маскирани лица ја нападнаа полицијата со пиротехнички материјали и разни предмети како дрва, камења, пластични шишиња и слично. Специјалците одговорија со употреба на солзавец и шок бомби. Беа уапсени три лица, а едно беше повредено.
И новинарските екипи биле вербално нападнати а од снимателите и фоторепортерите било побарано да се оддалечат од местото каде што се случија инцидентите.
МИА јавува дека веројатно е дека не станува збор за анархистичка група како што е случај на протестите поврзани со економијата, туку маскираните лица неофицијално се радикални десничари.
„И покрај тоа што беше најавуван како масовен, на собирот пред грчкиот Парламент имаше помалку од илјада лица, а меѓу нив Грци од сите возрасти, но и голем број свештени лица“, објави МИА.




