Британските парламентарци му нанесоа нов пораз на премиерот Борис Џонсон откако по вторпат го отфрлија барањето за превремени избори на 15 октомври.

Со само 293 гласови „за“, далеку од неопходните две третини во Парламентот со 650 места, пратениците синоќа по вторпат за изминатите пет денови го отфрлија предлогот на Џонсон.

Пред гласањето Џонсон рече дека нема да бара ново одлагање на Брегзит предвиден за 31 октомври и покрај тоа што вчера во сила влезе закон кој го предивидува тоа. Со тој текст премиерот треба да побара од ЕУ одлагање ако не се постигне договор за напуштање на 19 октомври.

Британската кралица Елизабета Втора вчера го одобри законот со кој се спречува премиерот Борис Џонсон да ја изнесе земјата од ЕУ без договор на 31 октомври.

Потегот на кралицата, познат како „кралска согласност“, е ефективна мерка на кралството во врска со законот кој е усвоен во Парламентот минатата недела и покрај спротивставувањето на Владата.

Вчерашната седница во Долниот дом беше последна пред прекинот на работата на Парламентот за пет недели по одлуката на Џонсон. Таа ќе остане запаметена и со ненадејната одлука на претседателот на Долниот дом, Џон Баркоу кој поднесе оставка по 10 години на функција.

Опозицијата го обвинува премиерот дека се обидува да ги спречи парламентарците да го разгледаат неговиот план за Брегзит.

Првпат по повеќе од 70 години, британската Влада го суспендираше Парламентот.