Во нејзиниот стан во Њујорк денеска ненадејно почина Ивана Трамп, првата сопруга на поранешниот американски претседател Доналд Трамп и мајка на неговите три најстари деца,  соопштија официјални лица.

Tаа имаше 73 години.

„Многу сум тажен да ги информирам сите оние кои ја сакаа, а ги има многу, дека Ивана Трамп почина во својот дом во Њујорк“, се вели во соопштението на поранешниот претседател Доналд Трамп.

„Таа беше прекрасна, убава и неверојатна жена, која водеше одличен и инспиративен живот. Нејзината гордост и радост беа нејзините три деца, Доналд Џуниор, Иванка и Ерик. Таа беше толку горда на нив, како што сите ние бевме толку горди на неа. Почивај во мир Ивана“, додава Трамп.

Семејството Трамп објави:

– Нашата мајка беше неверојатна жена. Силна во работата, спортист од светска класа, прекрасна убавица и грижлива мајка и пријателка, се вели во соопштението на семејството Трамп и додаваат „таа побегна од комунизмот и ја прегрна оваа земја. Таа ги научи своите деца на решителност, цврстина и  сочувство“.

Ивана е родена во Чехословачка, а за Трамп се омажила во 1977 година.

Тие беа во брак до 1992 година.