Утрово, на 81-годишна возраст, почина Љубиша Георгиевски, театарски и филмски режисер, драмски писател и професор по театарска режија на Факултетот за драмски уметности во Скопје.

Тој во 1994 година беше кандидат за претседател на Република Македониа, од 2000 до 2004 година беше амбасадор во Бугарија, а во периодот од 2006 до 2008 беше претседател на Собранието на Република Македонија.

Георгиевски е роден на 30 мај 1937 година во Битола. Дипломирал на Академијата за театар, филм, радио и телевизија, група „Театар и радиорежија“, во Белград 1974.

Како театарски режисер, има поставено над 160 претстави во Македонија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија, Бугарија, Романија, Полска и други држави, како и четири постановки во САД, каде на универзитетите во Јужна Калифорнија и Тексас предавал теорија на театарот и актерска игра. Неговите претстави се играат на повеќе од десет јазици и истите гостувале ширум Европа, од кои позначајни гостувања се во Москва и Виена.

Има објавено десеттина книги. Режисер е и на филмовите „Под исто небо“, „Планината на гневот“, „Републиката во пламен“ и „Цената на градот“. Добитник е на повеќе од дваесетина награди низ поранешна Југославија и во Македонија.

Меѓу последните негови претстави се „Аферата Елсинор“ во Македонскиот народен театар (МНТ) и  лани „Кристифор Колумбо“ во Драмски театар.

Георгиевски се обрати и на еден од последните собири на движењето „За заедничка Македонија“, чии протести кулминираа со организираниот напад на Собранието на 27 април 2017.